Во пресрет на почнувањето на собраниската седница за уставните измени закажана за овој петок, министерот за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција, Бујар Османи денеска преку својот Фејсбук профил повикува „да не дозволиме да се дефокусираме и да се дезориентираме, туку да го задржиме курсот и родителската одговорност пред идните генерации“.

-Не делат само два дена од почетокот на еден од најважните процеси за обезбедување сигурна и просперитетна европска иднина за нашите граѓани,  собраниската седница за уставни измени. Затоа, ве повикувам да не дозволиме да се дефокусираме сега, кога сме во финале, и да се дезориентираме, туку да го задржиме курсот и родителската одговорност пред идните генерации. Моментот е сега!, напиша Османи.

Тој во објавата потенцира дека „со месеци доаѓаа пријатели и министри од целиот свет и не охрабруваа со пријателски совет да се фокусираме на овие предизвици и да ја надминеме оваа последна формална пречка пред отворањето на големиот хоризонт на поглавјата од преговорите“.