Нема ништо незаконито во вработувањата во МНР, вели министерот Бујар Османи, по скандалот со вработувањето на ТВ презентерката Бесмира Ејупи и обвинувањата за непотизам во ова министерство од страна на ВМРО-ДПМНЕ која откри дека таму се вработила и сопругата на пратеникот Мартин Костовски.
-Нема ништо незаконито во вработувањето. Министерството има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените започнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади кои цел живот го поминуваат на различни места. Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција одошто била претходно, вели Османи во Студио 10 на ТВ 24.
Тој објаснува дека Ивана Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание.
Во моментов во МНР има оглас за вработување на 16 нови луѓе, а оваа професија бара време за напредување и со оглед дека и критериумите се тешки па нема голем интерес за вработување во Министерството, додава тој.
Министерот Османи појаснува и за случајот со ТВ презентерката Бесмира Ејупи која извесен период од различни државни институции земала хонорари од 12 илјади евра, а се вработи во МНР откако претходно се зборуваше дека се подготвува за конзул.
– МНР има потреба од 50 вработувања, но сега Министерството за финансии одобри 16. Секој млад човек кој знае јазици и сака да се посвети да конкурира. Ејупи е преземена од Министерството за политички систем, како што по закон се преземаат и други службеници, вели Османи за Студио 10.
Според министерот Ејупи знаела јазици и имала безбедносен сертификат од највисок ранг како член на службата на протокол во претходното министерство.
За нејзините хонорари за кои се води и истрага, Османи додава дека треба да се праша и ВМРО-ДПМНЕ бидејќи Ејупи била ангажирана и од нивни градоначалник.