Министерот за надворешни работи Бујар Османи, на денешната прес-конфeренција во Градскиот парк, ја промовираше иницијативата „Зелена дипломатија – новото нормално“ и информираше за конкретните чекори и проекти преку кои ќе се спроведува.
Откако неодамна стана зелена и еколошка ДУИ, партијата од која доаѓа Османи, сега позеленува и МНР.
– Не случајно се наоѓаме во Градскиот парк, во една убава, пријатна и зелена атмосфера, во амбиент којшто асоцира на нашиот проект што ќе го лансираме денеска, а тоа е дека Министерството за надворешни работи станува зелено. Свесен сум дека темата не е дневнополитички актуелна, но во меѓународните односи се наметнува како најважното прашање за иднината на светот. И тука не се работи за некоја апстракција. Во својот извештај Обединетите нации ги вбројуваат пожарите и поплавите како најважните последици на климатските промени, истакна Османи.
Тој ги презентираше проектите преку кои ќе се спроведува оваа иницијатива, при што, информираше дека ќе биде назначен климатски амбасадор чии надлeжности ќе бидат промовирање на домашните и меѓународните политики за зачувување на животната средина.
Зелената надворешна политика, како што наведуваат од МНР, ќе треба да се прилагоди на предизвиците на носителите на одлуки во борбата против климатските промени и нивните влијанија, а амбасадите ќе бидат фронтални предводници на иницијативата за зелена дипломатија, што ќе значи и нула пластика во МНР и целата дипломатска мрежа, споделување на возило со колегите, возење велосипед или тротинет, соларни уреди како одржливи извори на енергија, штедење на хартија, замена на светилките со штедливи светилки.
Министерот, во овој контекст информираше дека веќе е во постапка формирање на посебно Одделение во МНР за зелена дипломатија кое ќе ги следи и анализира меѓународните политики во областа на климатските промени и заштитата на животната средина и ќе продуцира насоки кои ќе се преточуваат во конкретни домашни политики.
Презентирајќи ги сите чекори преку кои ќе се спроведува иницијативата, Османи нагласи дека ќе се изгради зелен покрив на зградата на МНР, ќе се воспостави и систем на сепарација на отпад, а објектите на амбасадите ќе треба да станат енергетски ефикасни. Ќе се практикуваат и зелени состаноци, кои се сé почести меѓу дипломатите во светот, но стануваат дури и нужност со траeњето на ковид пандемијата.
– Ние имаме визија да станеме прва земја од регионот што ќе обезбеди одржлива работна средина во Министерството, но и на дипломатската мрежа во следните пет години. Преку „зелената дипломатија – новото нормално“, Министерството ќе се обиде преку претходно набројаните чекори и сериозни проекти да ја постигнеме оваа амбициозна трансформација. Иднината е зелена и за дипломатијата, порача Османи.