Денешните ракетни напади врз цивилни цели во Киев, Лвов, Днипро, Харков, Криви Рих и други делови од Украина претставуваат флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право, како и дополнително поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила, објави шефот на дипломатијата Бујар Османи на негопвиот Фејсбук профил.
-РС Македонија силно ги осудува ваквите неприфатливи дејствија извршени од страна на Русија, кои резултираат со невини човечки жртви. Сторителите на нападите треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да одговараат за извршените воени злосторства. Уште еднаш ја реафирмираме солидарноста со украинскиот народ, како и цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, упатувајќи уште еден повик за итно прекинување на сите воени дејствија и повлекување на руските воени сили од земјата, стои на статусот на Фејсбук на министерот Османи.