Од аеродромот во Кабул 25 наши државјани треба да заминат со американски воен авион, а се очекува евакуација на уште 50 наши граѓани од Авганистан каде што во изминативе 72 часа безбедносната состојба нагло се влоши, информира министерот за надворешни работи Бујар Османи.

– Од околу 50 граѓани кои утрово беа на аеродрмот во Кабул, половина или 25 се наоѓаат веќе на воениот терминал и се регистрирани за следниот лет со воен авион на американската армија и ќе бидат упатени за Доха, Катар, од каде нивниот пат за враќање дома е неспорен. Останатите околу 25 наши граѓани се упатени на следниот лет и во моментов работиме за нивна регистрација и потоа евакуација директно од аеродромот во Кабул. Располагаме со информација за уште 25 граѓани кои се наоѓаат во американската база во Кабул, која се наоѓа во непосредна близина на аеродромот. Тие се безбедни и во моментов се на листа на чекање за да бидат трансферирани кон аеродромот и потоа евакуирани. Во моментов не располагаме со информација за други наши граѓани во Авганистан и досега немаме ниту еден пријавен државјанин кој се наоѓа во загрозена состојба. Секако продолжуваме и натаму внимателно да ја следиме состојбата во Авганистан, рече Османи.  

Република Северна Македонија уште во јули месец го попвлече сиот воен, дипломатски и цивилен персонал и во моментов нема свои претствници во Авганистан.

Уште во саботата во МНР е формирана работна група која работи на евакуација на наши државјани кои се работно ангажирани во Авганистан, и се користат повеќе опции за за асистенција на нашите граѓани затекнати во земјата. Воспоставен е контакт со комопаниите од кои се работно ангажирани, испратени се формални барања до сите земји кои имаат присуство во Авганистан за нивна асистенција при евентуални летови за евакуација, за што од голем број земји е потврдно одговорено дека ќе будат земени предвид нашите барања. Османи рече дека воспоставил директни контакти со колегите од Турција, Катар, како  и со САД.

Изминативе 72 часа безбедносната состојба во Авганистан нагло се влоши, и освен воените бази под контрола на САД и НАТО сојузниците меѓу кои и аеродромот во Кабул целата територија со се главниот град во моментот се или под управа на новата талибанска власт или се без соодветна контрола.