Постигнат е голем напредок во разговорите со Бугарија, бидејќи она што денес го имаме на маса се разликува од првиот предлог што ни беше претставен лани во октомври, изјави вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 говорејќи за разликите со Бугарија.
– Сосема различни прашања беа кога јас лани во октомври отидов во Софија, на мојата прва посета откако станав министер, а сосема други прашања во однос на формата разговараме денес. Стигнавме до еден прогрес од тој документ што ни беше предаден во Софија лани во октомври, до документите што сега ги имаме на маса и за кои разменуваме ноти на предлози. Сметам дека е голем напредок, нагласи Османи.
Коментирајќи ја оваа разликата на прашањата кои ги поставувала официјална Софија, во однос на она што се бара денес, Османи оцени дека барањата на Бугарија наликуваат како „подвижна мета“.
– Реално ова е подвижна мета, во однос на тоа што точно се бара во текот на целиот овој период, заклучи Османи.
Шефот на дипломатијата нагласи дека со Бугарија нема да биде потпишувам нов договор, иако првичното барање на Софија било токму тоа, да се потпише „некаков, не нов договор, туку протокол или меморандум со обврски“.
– Но, тој процес не успеа, односно не беше прифатен од наша страна и во моментов разговараме за овие пет плус еден прашања, додаде Османи.
Во однос на формулацијата за македонскиот јазик, Османи истакна дека останува предлогот што беше доставен од португалското претседателство со ЕУ, а потоа преземен и од словенечкото.
– Тоа е македонски јазик со унилатерална нота од Република Бугарија до Советот на Европската унија, изразувајќи го својот став во однос на јазикот. Притоа Унијата го забележува тој став на Република Бугарија и со дополнително објаснување од наша страна, како две унилатерални позиции, кои Европската Унија ги забележува како такви, потенцира Османи.
Тој посочи дека одлагањето на стартот на преговорите за членство со ЕУ нема да донесе до дестабилизација на земјата, но стравува од можно ново „грчко сценарио“.
– Најголемиот страв е да не влеземе во ново грчко сценарио, а тоа е да влеземе во замрзнат конфликт со Бугарија. И ова да стане нова нормалност во нашите односи, нагласи Османи.