Бујар Османи, вицепремиер и портпарол од ДУИ вели дека за формирање влада ќе разговараат со сите партии. Најпрво, вели разговараме со нашите сегашни коалициски партнери СДСМ, но не ја исклучуваме можноста за рзговори и со другите.
-Деновиве има толку многу непроверени информации од сите страни што не можеме да постигнеме да одговориме на сите. Бараме јавноста да почека сите информации да ги добие од партиите кои се учеснички во формирањето на мнозинството, а тие информации ќе бидат навремени и службени. ДУИ прави сериозни напори овие денови што е можно побрзо да се формираат институциите. Граѓаните имаат што побрзо потреба да се формираат владата и институциите за да се справат со сите предизвици. Оптимист сум дека брзо ќе дојдеме до решение, рече Бујар Османи во гостувањето во вестите на Сител.
Првично, вели тој, разговаравме со нашите сегашни партнери со кои бевме три години во коалиција, но не ја исклучуваме ниту опцијата на разговори со сите политички партии.
-Сметаме дека е здраво да се разговара со сите со цел да се разгледаат ставовите на сите политички партии за да се дојде до едно одржливо решение со цел побрзо формирање на институциите. Претседателот Ахмети го води овој процес и не ги исклучува сите политички партии во разговорите, рече Османи.
Според него, апсолутно не е точна информацијата дека Лазар Еленовски ќе биде премиер.
-Ние си имавме кандидат за премиер на изборите и таквите шпекулации се со намера да наштетат на ДУИ да наштетат на процесот. Во моментот кога ќе има нешто конкретно граѓаните ќе бидат информирани. Мислам дека постои едно оптимално решение кое ќе биде во интерес на граѓаните и во интерес на државата, изјави Бујар Османи.
За ТВ 21, пак, Османи информира за средбата меѓу лидерот на партијата Али Ахмети и лидерот на СДСМ Зоран Заев, која ја оцени како конструктивна. Тој не сакаше да изнесува детали од средбата, бидејќи, како што рече, не е коректно да ги објават сите позиции.