Заменик претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи имаше средба со делегација на Постојаната комисија за европски прашања на Парламентот на Кралството Холандија, предводена од претседателот на Комисијата и шеф на делегацијата г. Хаjке Велдман, соопшти денеска СЕП.
-РС Македонија покажа исклучителна зрелост и подготвеност за отпочнување на пристапните преговори со Унијата, и тоа не само со исклучителните успеси во решавањето на поголемите отворени прашања со соседите, туку и со интензитетот и квалитетот на спроведените реформи“, истакна Османи, притоа посочувајќи на Договорот од Преспа, неговото создавање, верификација, и сега, неговото спроведување, како мало дипломатско чудо кое сè повеќе станува пример за решавање на билатерални прашања.
Постои сериозен напредок во имплементацијата на реформите во сите клучни области дефинирани од страна на Европскиот совет минатата година, напредок за кој е нотиран и соодветен трак-рекорд, кој е во постојана надградба, нагласи Османи, посочувајќи притоа и на успешно спроведените претседателски избори кои недвосмислено упатуваат на политичката и демократска зрелост на државата, и нејзината подготвеност за почеток на преговорите со Европската Унија оваа година.
На средбата беа отворени и темите поврзани со билатералната соработка помеѓу Холандија и Македонија, која се реализираше во изминатите две декади, во износ од над 150 милиони евра, и ќе продолжи да се реализира и во претстојниот период, главно за поддршка на проекти поврзани со европската интеграција на земјава.
Османи упати благодарност до холандската делегација, за севкупната поддршка која земјава ја добива од Кралството Холандија, изразувајќи надеж дека истата ќе продолжи и во претстојниот период, особено во насока на поддршка на европските интеграции на земјата.