Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари телефонски разговор со шефот на дипломатијата на Полска, Збигњев Рау, со цел размена на мислења за актуелни прашања од билатералните односи помеѓу двете земји, соработката во рамките на меѓународните организации и за евроинтегративниот процес на Македонија.
Како што соопшти МНР, Османи во разговорто истакна дека Македонија активираше огромна политичка енергија за да ја врати земјата на патот на ЕУ.
– Решивме непремостливи предизвици кои на сите им се чинеа како невозможна мисија. Успеавме зашто имавме силна мотивација – европската перспектива за нашата земја и за нашите граѓани. Ние велиме овој процес, нема алтернатива. Верувам дека со нашите пријатели и соседи ќе го надминеме проблемот и ќе бидеме повторно пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Секој проблем е различен и специфичен, но дијалогот и дипломатијата остануваат најдобриот пристап во нивното решавање. Како политичари во своите земји им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот, и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите, нагласи Османи.
Посебен акцент во разговорот, се посочува во соопштението, беше ставен на соработката во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) со која Полска ќе претседава во текот на 2022 година. Оваа соработка, чија цел има промоција на вредностите врз кои почива Организацијата – демократијата, мирот и стабилноста преку изградба на довербата преку дијалог и транспарентност, добива на значење во контекст на кандидатурата на Македонија за претседавање со ОБСЕ во 2023 година, која треба да биде разгледана на состанокот на Министерскиот совет на ОБСЕ на почетокот на декември.
– Министерот Османи го подвлече значењето на кандидатурата на нашата земја, како израз на нејзините постигнувања на домашен план и желбата да дадеме придонес и во мултилатералните организации преку операционализација на целите на ОБСЕ, како иден претседавач со Организацијата, стои во соопштението на МНР.