РС Македонија направи силен пробив на светската политичка сцена во 2023 година, а нашиот глас беше слушнат од Ванкувер до Владивосток. Оваа позиција можеме да продолжиме да ја градиме и во новата 2024 година со заедничка истрајност, единство и посветеност на напредокот, истакнува министерот за надворешни работи и претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ОБСЕ, Бујар Османи во своето новогодишно обраќање до граѓаните.
Под наше раководство, со јасна визија и многу посветеност, успеавме, како што нагласува Османи, да ја зачуваме ОБСЕ во исклучително сложен услови и војна во регионот на организација.
– Ова не беше само триумф за С. Македонија, ова беше победа на разумот и важен момент за стабилноста на целиот регион, вели Османи во обраќањето.
Успехот за Македонија од Претседавањето со ОБСЕ, според Османи, е заслуга на сите граѓани на државата кои демонстрираа единство и докажаа дека иако сме мала земја може да се носиме и со најсериозните предизвици.
-Позицијата на С. Македонија во светот се зајакна, а нашата посветеност на меѓународната соработка нè донесе поблиску до сојузниците кои ја споделуваат нашата визија за подобар свет, вели Османи.
Во следната година останува предизвикот на усвојување на уставните измени и одлучно продолжување на патот кон Европската Унија, уште еден храбар чекор кој треба да ја обликува нашата иднина, вели Османи.
Министерот за надворешни работи упати и порака до опозицијата која го блокира последниот процес на овој пат – уставните измени.
-Денес, С. Македонија е поблиску до Европската унија од кога било и ова е резултат на нашата визија, посветеност и желба за просперитетна иднина. Возот кон ЕУ нема да запре и силно верувам дека следната година ќе ги надминеме блокадите кои ги создава опозицијата. Верувам затоа што знам дека мнозинството граѓани сакаат да завртат лист и станат дел од силното и поврзано европското семејство, вели Османи.
Посакувајќи им на граѓаните нова година исполнета со мир, благосостојба и мигови поминати со најблиските, Османи повика на заедништво во следното поглавје за државата преку почитување на вредностите – правда, единство и просперитет.
Фото: МИА архива