Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска пред состанокот на Работниот комитет за евроинтеграциите изјави дека има чувство оти во процесот за уставните измени постои скриена рака која сака да го уништи, но напомена дека не би сакал албанските политички партии поради наивност или поради неснаоѓање во ваквите тешки политички процеси да бидат перцепирани како делови на тие скриени намери.
Османи одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар за барањата на БЕСА и Алијансата на Албанците во врска со уставните измени истакна дека тој не смета оти албанските политички партии се дел од тие фактори што сакаат да го уништат процесот, но напомена дека најлошата услуга што во моментов би им се направила на Албанците е да се даде порака дека тие го кочат членството на Република Македонија во НАТО.
– Нема поважен етнички интерес за Албанците од членството на Македонија во НАТО. Тоа е поголем и поесенцијален интерес на Албанците над секој друг етнички интерес во моментов, бидејќи тоа е гаранција дека Албанците ќе бидат дел од западноевропското семејство на вредности кон кое со генерации тежнеат да бидат, рече Османи.
Според него, амандманите секако дека може да бидат подобри, напоменувајќи оти и тој самиот можел да срочи многу посуштински амандмани. Но, истакна дека целиот процес е продукт на еден многу деликатен и тежок компромис во кој биле вклучени многу страни.
-Бевме вклучени во изработка на текстот на Преспанскиот договор, бевме сведоци дека и во самото донесување на уставните измени како една запирка повеќе или една запирка помалку во самиот текст на амандманите значеше еден пратеник повеќе или еден пратеник помалку во Собранието. Овој процес треба да заврши со двотретинско мнозинство во Собранието, кое вклучува многу политички партии од многу етнички групи и за да се срочи текст што ќе обезбеди поддршка на толку многу пратеници мораше да се имаат предвид интересите на сите страни. Можеби една грешка во процесот беше дека луѓето се реалаксираа по 19 октомври, по првото гласање, луѓето сметаа дека процесот заврши. Напротив процесот ќе заврши по последното гласање, нагласи Османи.
Додаде дека се дотогаш има ризик процесот да се наруши и оштети и додаде дека поради тоа била и вознемиреноста на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во однос на заокружувањето на уставните измени.
Собраниската седница за последната, трета фаза од уставните измени е закажана, за утре во 12 часот.