Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера рече дека ако опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени ќе добие можност да одлучи за датумот на изборите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, Христијан Мицкоски, вчера кажа дека мора да се одбере датум за редовни избори и го повика премиерот Димитар Ковачевски „да напише кој било датум помеѓу двата најголеми верски празника идната пролет и да одржиме парламентарни и претседателски избори на еден трошок“.
-Ако ги изгласаат уставните измени ќе оставиме тие да одлучат кога ќе бидат изборите кога и да сакаат, денеска, утре, задутре, веднаш после изгласување на уставните измени. Мислам дека ова е фер понуда од наша страна, рече Османи коментирајќи го предлогот на Мицкоски парламентарни и претседателските избори да се одржат меѓу двата празника.
Доколку не се изгласаат уставните измени и ВМРО-ДПМНЕ опстои на својот став, тогаш, посочува Османи, остануваат редовните термини.
-Во тој случај мислам дека редовните термини треба да бидат земени предвид, и веќе останува прашање на технички и логистички пресметки по однос на одржување на изборите отколку политички проценки. Политичка проценка е оваа понуда. Нека ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да одлучат за денот на избори, кога и да сакаат и за претседателските и за парламентарните. Доколку не, одиме на редовни избори, дали ќе бидат заедно дали ќе бидат одвоено, е веќе прашање на логистика, техника и повеќе проценки на политичките партии да најдеме одреден консензус, вели Османи.
Тој не ги коментира критиките од коалицискиот партнер во Владата Алијанса за Албанците и повикот до ДУИ дека треба да си замине во опозиција. Важно е посочува, дека имаме добри меѓучовечки релации, добра соработка, професионална како министри и како коалициони партнери во рамки на Владата.
Мицкоски, во понеделникот, на обраќањето на настанот по повод 23 Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба и јубилејот 130 години ВМРО, рече дека „оваа Влада, преку одбегнување да се договори датум за избори, оди кон свесно предизвикување уставна и политичка криза“.
-Срамота е што преку медиуми се договараме и лиферуваме датуми за редовни избори. Разбирам кога велат дека Ковачевски никој не го слуша во Владата, зашто ниту министрите, вицепремиерите и кај него во партија му имаат почит. Затоа е оддаден на шетање по светот и компаниите. Но, мора да се договори датум за редовни избори. Ќе доживеат жесток пораз и тежок дебакл од народот. Народот треба масовно, во огромен број да им ја прати пораката на овие избори – нема играње со народот. Народот е посилен од секоја тесна клика и елита која си игра со судбината и ја одзема иднината. Доаѓаат промени. Заветот на Организацијата и поинаквите цели кои мора да ги оствариме се да ја кренема Македонија на здрави нозе, истакна Мицкоски.
Тој рече и дека не сака да биде предмет на уцени при создавањето на идната влада.
Мицкоски вчера во Будимпешта се сретна со претседателот на партијата ФИДЕШ и премиер на Унгарија, Виктор Орбан. – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски се заблагодари на поддршката од Унгарија на Македонија посочувајќи дека тоа е доказ за вистинско пријателство, изразувајќи надеж дека таа поддршка ќе продолжи имајќи го во предвид фактот дека Унгарија наредната година го презема претседателствувањето со Европската Унија, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.
Портпаролот на СДСМ и пратеник Дарко Каевски, во понеделникот истакна дека ставот на СДСМ е принципиелен и непроменет, изборите ќе бидат наредната година во редовниот термин, прво претседателските, а потоа и парламентарните.
Како што истакна Каевски на прес-конференција, СДСМ е подготвена да разговара за датумите за изборите, на ниво на работни групи.
-Нашиот став е принципиелен и непроменет. Изборите ќе бидат наредната година во редовниот термин прво претседателски а потоа и парламентарни. За точниот датум за одржување на овие избори прво за претседателските, а потоа и за парламентарните сме спремни да разговараме на ниво на работни групи. Очекувам за брзо тие да се формираат и да почнат со работа, рече Каевски.
Во меѓувреме, вчера беше објавена анкета, според која, мнозинството граѓани во земјава сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа и дека Унијата е најдобра алтернатива за државата, но исто така мнозинството смета и дека односот на ЕУ кон Северна Македонија е нефер, надмен и уценувачки.
На презентација на резултатите од спроведената анкета ЕВРОМЕТАР 2023, Димитар Николовски, од Евротинк – Центар за европски стратегии посочи дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 53 проценти од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 отсто во 2022 година, додека 30 проценти не мислат така.
На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија“, 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022). За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјава, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјта треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ (33 отсто во 2022).
Вкупно 30 проценти од испитаниците мислат дека земјава никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12 проценти кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години.