Начини на зацврстување на соработката во справување со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 и искуствата на земјите од ЈИЕ беше тема на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на турското претседавање 2020-2021, во Анталија, Република Турција на кој учетвуваше и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

-Како една од најстарите иницијативи, овој форум претставува клучен фактор за остварувањето на  евроинтегративните аспирации на сите земји партнери, при што треба да се потенцира огромниот  придонес во обезбедувањето на траен мир, стабилност и економски просперитет во земјите од Југоисточна Европа, истакна Османи соопшти МНР.

Тој при тоа укажа на напредокот на Република Македонија, која оваа година во март обезбеди зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, и се наоѓа пред самиот почеток на преговорите.

-Како земја која се наоѓа пред самиот почеток на преговорите, особено ги цениме регионалните инцијативи кои и нам ни обезбедија јасна европска перспектива, што претставува дополнителен поттик за нас активно да продолжиме со придонес кон зацврстувањето на регионалната соработка, истакна Османи.

 

Министерот во своето излагање ја реафирмираше потребата за силна европска и регионална соработка и солидарност при носењето на заеднички и координирани мерки за превенција и заштита од пандемијата и нивна имплементација преку бројните регионални иницијативи, вклучително и Берлинскиот процес со кој оваа година ко-претседаваат Македонија и Бугарија.

-Борејќи се против корона вирусот учиме една нова лекција – дека наместо изолација, неопходна ни е интеграција, заеднички да ги совладаме предизвиците на новото време, нагласи Османи.

Учесниците го искористија овој форум за унапредување на регионалната кохезија преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни европски вредности кои останува во фокусот на сите земји членки на ПСЈИЕ.

Во  текот на денот, се очекува Османи да се сретне со своите колеги од Србија и Турција, министрите Никола Селаковиќ и Мевлут Чавушоглу., соопшти МНР.