Разговорите со Бугарија за отворените политички прашања продолжуваат следната недела, со посетата на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска на Скопје на 23 и 24 март. Северна Македонија во процесот на разговори настапува со јасни усогласени ставови во однос на отворените прашања.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера на средба со новинарите, најавувајќи ја посетата на неговата бугарска колешка Генчовска на Скопје, потенцира дека  во овој процес ние сме со апсолутно усогласени ставови согласно резолуцијата на Собранието.

Тој информираше дека на Дипломатскиот форум во Анталија имал средба со бугарскиот премиер Кирил Петков, со кого разговарале за случувањата во Украина, но најголемиот дел од средбата се осврнале на нашите политички разговори и отворените прашања.

– Разговаравме за сите точки, констатиравме дека навистина треба да се донесат одлучни одлуки во овој период заради тоа што очигледно прашањето на европското проширување станува сериозно безбедносно прашање за регионот и за ЕУ и секоја земја членка има одговорност кон безбедноста на регионот, но и кон безбедноста на целиот континент. Значи, веќе не е прашање само на кредибилитетот на ЕУ, туку е безбедноста на регионот и ова се сведува во оваа ситуација пред се на европска безбедност, процесот на проширување односно комплетирање на ЕУ, рече Османи.

Прашан дали имаме спротивставени ставови во однос на позициите во Скопје меѓу МНР и експертите и меѓу МНР и Владата, Османи категорично го демантираше тоа. Коментирајќи текст објавен завчера, тој додаде дека е некоректно текстот да се прикаже поинаку, бидејќи вели, во него се зборува за разликите во Бугарија, помеѓу бугарското МНР и нивната Влада, а не кај нас.

– Значи немаше таква инсинуација дека има разлика кај нас, туку заради некој записник од Брисел се констатираше дека има разлики меѓу нивното МНР и другите чинители во коишто јас нема да се мешам, бидејќи тоа се внатрешни односи таму, ние разговараме со бугарската Влада. Ние немаме апсолутно никакви разлики, ниту експертите во МНР, ниту јас како политичко раководство на МНР, ниту премиерот. Сите сме во постојана координација, вчера имавме една долга средба за координирање, денеска попладне ќе имам повторно средба за координирање. Значи ние сме апсолутно унисони и во ставовите, во позициите без никакви разлики во овој процес, што навистина ми е задоволство, бидејќи во таква атмосфера се работи многу полесно, дециден Османи.

Тој вели дека нема впечаток оти има различни ставови во Бугарија, разговарано е за динамиката која е предвидена до јуни, согласно работните групи, согласно политичкиот процес, во која форма би можело да се надмине, кога и како, но при тоа не откри детали за разговорите.

– Тоа се главните три прашања – како, кога и на кој начин. Се уште сме во различни позиции по однос на трите прашања, но фактот што се сретнуваме толку често е предуслов да може да се успее. Ние сме унисони и функционираме во рамки на нашата Резолуција на нашиот Парламентот. Се разбира и во Република Бугарија ги имаат своите ставови, но гледам волја во двете страни да се најде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Веројатно ќе има понатаму и средба на највисоко политичко ниво. Битно е континуирано да разговараме отворено. Тоа што го имаме сега е дека разговараме отворено, секој претставувајќи ги своите позиции. Не можам да навлезам во детали во оваа фаза, посочува шефот на дипломатијата.

Во однос на посетата на Скопје на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, Османи оцени дека е таа е исклучително важна и порака сама за себе, бидејќи го споменува Западен Балкан во контекст на овие случувања во Украина. Со тоа, додава Османи, тој го подига вниманието на светската јавност за тоа дека регионот е оставен ранливо подрачје каде што мора да се дадат јасни и прецизни пораки.

– Се разбира, неговото портфолио не е проширувањето. Тој е висок претставник за надворешна и безбедносна политика, а проширувањето е внатрешна политика на ЕУ и за тоа има посебен комесар, тоа е комесарот Вархеји. Меѓутоа, мислам дека пораката на неговото доаѓање вчера тука како прва дестинација, фактот што РС Македонија постигна стопроцентно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и тој дојде лично да ја поздрави таа одлучност на државата и сега станавме едно симболично трио на 100 отсто кандидати, бидејќи сега Албанија, Црна Гора и С. Македонија се трите држави во регионот коишто имаат стопроцентно усогласување на надворешната политика со таа на ЕУ и некако го регрупира и регионот по однос на перспективата за ЕУ, вели Османи.

Тој потсети дека бугарскиот премиер Петков информира оти Борел од Скопје се слушнал и со него и смета дека тоа е обид да се помогне.

Борел, пак, кој по Скопје вчера ја посети и Тирана, истакна дека Албанија ги исполни условите за отворање на преговорите за членство и дека продолжува да го поддржувам отворањето на преговорите на земјата за време на француското претседавање, исто како и за Македонија.

– Уште еднаш гласно кажувам и ја поддржувам работата што се работи и ќе продолжам да го поддржувам отворањето на преговорите за време на француското претседателство. Тоа не е дефинитивен датум, но тоа е хоризонтот и времето и тоа што го кажувам за Албанија, важи и за С. Македонија. Денес на сите институции јасно им е дека повеќе од кога било мораме да ја претставуваме обединета Европа со интеграцијата на Западен Балкан. Ова мора да се исполни во тој временски хоризонт што е можно поконкретно, во рамките на француското претседателство, изјави Борел.

Инаку, на прашањето дали ситуацијата во Украина ќе ни помогне или одмогне во донесување евентуална одлука во јуни за старт на преговорите со ЕУ, Османи истакна дека во моментов првостепено е прашањето на Украина каде гинат луѓе, а земјава не е во фаза на убедување на Унијата, бидејќи ние имаме поддршка од 26 земји членки, а единствено имаме разлики со Бугарија која бара гаранции за имплементација на Договорот од 2017 година.

– Состојбата во Украина покажа дека времето за калкулации за популарноста на темата проширување во земјите членки станува апсолутно веќе неважно. Ова е прашање на безбедносно консолидирање на ЕУ. Ние сме на портите на Унијата, а чуварите на портите треба да бидат најбезбедните за да го зачуваат домот од малигни влијание, нелегална миграција, тероризам… Портата е тука на Балканот и доколку оставаат портата да биде небезбедна, нема да биде безбеден ни дворот, ни домот. Сега тие сфаќаат колку е важен овој регион за безбедносната консолидација. Во тој контекст сметам дека свесноста е поголема. Дали ќе помогне, дали тоа ќе помогне во Бугарија не можам да кажам, но ќе покаже времето, порача шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска оцени дека соработката со колегите од Бугарија при работата во меѓувладината работна група за европска интеграција и зелени политики е одлична и се одвива во позитивна атмосфера, при што во разговорите се чувствува поинаква енергија отколку во изминатиот период.

– Интересно е што и ние можеме да научиме од нив многу, меѓутоа и тие можат да научат од нас. Ние сфативме при размената на информации дека практично имаме огромно поле за соработка, рече вчера вицепремиерката Грковска во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

Таа особено го истакна искуството и пораките кои можат да се следат од спроведување на Оперативна програма за добро владеење финансирана од Европската Унија, која ја спроведува нејзината колешка во бугарската Влада. Сигналите од двете страни, вели, се позитивни и има расположение да се најде начин како да се одблокира процесот. – Имајќи ја предвид политичката ситуација, војната во Украина и се надевам дека настаните во оваа смисла ќе го зголемат алертот на внимателност на чекорите кои политичките лидери ги преземаат, посочи Грковска.

Вицепремиерите Бојан Маричиќ и Фатмир Битиќи на вчера одржаниот координативен состанок за претпристапните ИПА фондови истакнаа дека без разлика на кризата во светски рамки, не се откажуваме од зацртаниот приоритет – спроведување на реформската агенда, регионалниот развој и создавање услови за нови инвестиции со цел напредок во евроинтеграцискиот процес и постигнување на европските стандарди и вредности дома, за нашите граѓани.

Маричиќ и Битиќи разговараа за актуелните активности од Интервентниот план за инвестиции, како и за следните чекори од првата фаза на Националната стратегија за развој 2021 – 2041 година, при тоа ги договорија следните активности во делот на проектите од Европскиот и инвестицискиот план како приоритетни за финансирање преку Инвестициската рамка за Западен Балкан. Фокусот е на зелената агенда на Република Северна Македонија, особено преку инвестициите во обновливите извори за енергија и управувањето со отпадот.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, пак, при вчерашната посета на Велес истакна дека ЕУ ја поздравува новата динамика на билатералните односи и развојот на дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија, што беше покажано со интензивирање на дијалогот од страна на премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Кирил Петков.

– Ние се надеваме дека овој интензивиран дијалог меѓу двете земји како резултат ќе даде отворање на пристапни преговори што е можно поскоро помеѓу вашата земја и ЕУ, за да можеме да се фокусираме, што патем го правиме и сега, на реформската агенда. Мора да се продолжи со нејзина имплементација, цел којашто е од првичен интерес за граѓаните на вашата земја. Токму имплементацијата на таа реформска агенда е најбрзиот начин за приближување кон ЕУ, односно станување на земја членка на ЕУ. Всушност реформите се тие коишто ја подготвуваат земјата за членство во Унијата, нагласи евроамбасадорот Гир, одговарајќи на новинарско прашање како сегашните состојби во Европа ќе влијаат на започнување на преговорите со земјава.

За тоа каде стоиме во овој момент во однос на проширувањето, тој нагласи дека Македонија ги има исполнето условите за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Тоа што сега сакаме да го видиме е отворање на пристапни преговори со вашата земја што е можно поскоро. Тоа значи дека мора да се направат континуирани напори од сите 27 земји членки на ЕУ да постигнат договор за отворање на пристапни преговори со С. Македонија, рече Гир.

Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во Бундестагот Михаел Рот, исто така смета дека ЕУ мора да ги забрза пристапните преговори со земјите од Западен Балкан, бидејќи во спротивно други земји, како Русија и Кина, ќе го искористат овој момент и ќе го пополнат вакуумот, пренесува „Албаниан дејли њуз“.

Тој денеска потенцираше дека е дојдено време Македонија и Албанија да ги почнат преговорите со ЕУ.

– Нашите пријатели од Западен Балкан предолго чекаа. Мора да ги забрзаме преговорите, бидејќи ако ЕУ не е видлива, активна и доволно гласна, авторитарните режими, како Русија, Кина или Турција, ќе го пополнат вакуумот, а тоа апсолутно не е во германски или европски интерес, изјави Рот.

Европската комисија ја поздрави усогласеноста на Македонија и Албанија со санкциите на ЕУ против Русија, но таргетирани финансиски компензации не се на маса, јави дописничката на МИА од Брисел.  Македонија и Албанија се две земји во регионот кои стопроцентно се усогласени со санкциите на ЕУ против Русија, за што Европската унија е многу благодарна, порача вчера портпаролот Петер Стано.

Што се однесува до компензации за земјите кандидати кои се усогласени со санкциите на ЕУ, Европската комисија одговори дека тоа не е предвидено и дека веќе постојат фондови за поддршка на земјите од Западен Балкан.