Претседателката на Косово Вјоса Османи-Садриу претпладнево со највисоки државни и воени почести беше пречекана од претседателот на Македонија Стево Пендаровски во „Вила Водно“.

Пендаровски и Османи-Садриу, која е во официјална посета на земјава, по пречекот имаа тет-а-тет средба, по што беше одржан и пленарен состанок на двете делегации.

Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово и можностите за нивно унапредување, европската перспектива на двете држави, актуелните случувања по однос на дијалогот Белград-Приштина, како и состојбите во поширокиот регион, во контекст на војната во Украина.

По средбата Пендаровски и Османи-Садриу ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

За време на официјалната посета, Османи-Садриу ќе се сретне и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски, а ќе се обрати на свечена седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Утре косовската претседателка ќе престојува во Тетово, каде што ќе се сретне со тетовскиот градоначалник Билал Касами

Видеото може да го отворите ТУКА.