С. Македонија стана лакмусов тест за кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија, и затоа преговорите за нејзино пристапување во Унијата не смеат и понатаму да се одложуваат, истакнува министерот за надворешни работи, Бујар Османи во интервју за шпанската новинска агенција ЕФЕ и магазинот Еурактив, кое го пренесува МИА.
– Одложувањето на почетокот на преговорите, кои ја засегаат и Албанија, би било сериозна геостратешка грешка бидејќи ќе има последици за целиот балкански регион, нагласува Османи.
Напредокот на Македонија во прифаќањето на различностите, помирувањето и односите со соседните земји, според него, треба да се гледа како репер за регионот и да биде награден.
Поради тоа, вели Османи, многу е важно ЕУ да најде начин да ги започне пристапните преговори без понатамошно одложување.
ЕФЕ и Еурактив потсетуваат дека пред само една година, на самитот во март 2020 година, шефовите на држави и влади на ЕУ го одобрија отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Но, процесот беше запрен во случајот на Македонија со ветото на Бугарија, која бара нејзиниот сосед да признае дека двете земји имаат заедничка историја и јазик. Владата на Софија смета дека луѓето во Северна Македонија се Бугари кои зборуваат на дијалект на бугарски јазик, на кои комунистичкиот режим на Југославија им дал нов идентитет и јазик „македонски“.
Министерот Османи, сепак, е уверен дека по парламентарните избори во Бугарија во април ќе се отвори патот за порационален пристап што ќе овозможи решавање на билатералните разлики.
Според Османи, сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Бугарија, го поддржуваат текстот предложен од Европската комисија за рамката за преговори со која формално ќе се воспостави пристапниот дијалог.
– Важно е текстот на преоговарачката рамка да биде усвоен што е можно побрзо, и се надеваме дека тоа ќе се случи на Европскиот совет закажан за јуни, вели Османи, кој во четвртокот во Мадрид се сретна со шпанската министерка за надворешни работи Аранча Гонзалес Лаја.
На средбата Гонзалес Лаја го уверила дека Шпанија ќе ја поддржува и помага Македонија во процесот на преговори за прием во ЕУ.
Османи во интевјуто посочува и дека состанокот со неговата шпанска колешка коиницидирал со првата годишнина од ратификувањето на протоколот за пристап на Северна Македонија во НАТО во Сенатот на Шпанија, што и овозможи на земјата да се приклучи на Алијансата.
Оценува и дека политичките односи со Шпанија се одлични, но има голем потенцијал и за економска соработка, бидејќи билатералната трговска размена сега е едвај 170 милиони евра годишно.
– Потребен ни е посистематски пристап меѓу нашите институции за поврзување на компаниите и споделување информации, вели Османи за договорот постигнат со Гонзалес Лаја за изготвување план за поголемо присуство на шпанските компании во Македонија.
Како потенцијални сектори за инвестирање на шпанските компании во земјава ги посочува енергетиката, третманот на отпадните води, соработката во одбраната и туризмот.