Министерот за надворешни работи Бујар Османи на веб страницата на МНР ја објави едностраната изјава на Македонија за македонскиот јазик, која е приложена кон записникот од првата меѓувладина конференција во Брисел.
Ја објавуваме во целост изјавата во која, според Османи, македонскиот јазик има дијалекти само во Северна, но не и во Пиринска и Егејска Македонија, каде што живеат Македонци, како и во соседна Албанија.
„Македонскиот јазик е неспорен и од денес станува рамноправен во семејството на официјални јазици на ЕУ и ничија друга еднострана издвоена изјава не може тоа да го поништи.
Како што е прoпишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик и неговото кирилско писмо е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија.
Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ. Македонскиот јазик беше признаен од Третата Конференција на ОН за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година.
Македонскиот јазик се изучува на многу катедри за славистика и лекторати на факултети и универзитети низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неоспорен факт во лингвистичката наука. Литературата напишана на македонски јазик е добитник на меѓународни награди и признанија.
При склучувањето на било какви договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите треба да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.
Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот во полноправно членство во ЕУ, Северна Македонија нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, македонскиот јазик треба да стане еден од службените јазици на ЕУ.