Шефот на дипломатијата Бујар Османи потенцира дека фактот што Бугарија сега има политичка Влада го отвара патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Македонија кон Европската унија, нагласувајќи оти решение може да има уште следниот месец.
-Фактот дека во Бугарија сега има политичка власт ни дава надеж дека двете легитимни влади можат да седнат и да разговараат за сите прашања и првите пораки даваат оптимизам, бидејќи токму тоа го кажавме и самите ние. Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во РС Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение, нагласи Османи за бугарската Нова ТВ, пренесува БГНЕС.
Тој вели дека односите изминатиот период отишле во надолна линија, но напомена дека треба да се има предвид тоа што во Република Бугарија имаше три изборни процеси, техничката власт и тоа не помогна, за да се надминат разликите и да се тргне ветото.
Со претходната политичка влада, додаде Османи, имавме интензивни преговори, разменувавме идеи. -Во многу моменти бевме многу блиску до решение, но се разбира и таа влада тогаш се наоѓаше во некаква предизборна ситуација, во една внатрешна политичка ситуација, која го отежнуваше пронаоѓањето решение, вели Османи.
Тој смета дека новиот пристап кој го изнесе новиот бугарски премиер Кирил Петков со вклучување на сегашноста и иднината за нас е важна порака, но напомена дека предлогот на Петков за шестмесечен рок за пронаоѓање решение за нас е премногу долг.
-Премиерот Зоран имаше мошне позитивен впечаток од телефонскиот разговор со Кирил Петков, бидејќи повторно се враќаме кон една нормална комуникација, во која фокусот освен за минатото е и да говориме за иднината. Ги следевме и дебатите при формирањето на коалицијата, различните нијанси меѓу одделни партии. Сепак одговорноста е на владите во двете земји. И во РС Македонија има разлики меѓу различно политички партии, нагласи Османи.
За Договорот за добрососедство од 2017 година тој изјави дека таму се предвидува токму тоа за кое говорел Петков – формирање работни групи, кои ќе се фокусираат не само на историјата, туку и на инфраструктурата, економијата, енергетиката…
-Договорот предвидува два инструмента. Едниот е меѓувладината комисија, во која учествуваат неколку министри, предводени од министрите за надворешни работи. Тоа се шест-седум министри од наша страна и шест-седум министри од ваша страна, со кои треба најодговорно да разговараме и да разгледуваме каде има прогрес, а каде нема и каде треба да се фокусираме во иднина. И тие групи, за кои говори премиерот Петков се всушност враќање кон основиот инструмент на Договорот – меѓувладината комисија со сите групи, кои се дел од таа комисија. За жал веќе една година сакаме да се одржи втората седница на меѓувладината комисија, но немаме одговор од Република Бугарија. А тоа е најдобриот инструмент, додаде Османи.
Тој напомена дека вториот инструмент е комисијата за историски и образовни прашања, која треба да најде заеднички точки во заедничката историја меѓу двете држави и двата народа. Таа комисија на почетокот, како што посочи Османи, имала определен напредок за пет личности, бил постигнат заеднички текст, како да се интерпретира нивната улога. Беа договорени и два периода, а таа требаше да продолжи со истата динамика и препораките за учебниците.
Во врска со барањето на Бугарија јазикот да се нарекува официјален јазик на РС Македонија, Османи истакна дека ставот на Скопје е јазикот да се нарекува, онака како што било предложено од Европската комисија – македонски јазик.
-Јазикот произлегува од правото на самоопределување на секоја држава. Се признаваат државите, а не атрибутите, кои тие држави ги имаат. Затоа сметаме дека тоа не е барање, кое треба да биде спор или препрека на патот за членството во ЕУ. Сметаме дека тој предлог на европското претседателство на двете земји да имаат свои еднострани позиции во ЕУ во однос на јазикот, а самата ЕУ да ги прифати двете позиции, за нас тоа е решение на прашањето, рече Османи.
Во однос на сите други прашања, кои се дел од пакетот пет плус еден, вели дека македонската страна дала компромисни решенија. Османи посочи дека Македонија нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија во однос на начинот, на кој се организираат нејзините граѓани.
-РС Македонија и Република Бугарија имаат различен начин на етничкото организирање на граѓаните. Кај нас Уставот признава етнички заедници. Во Уставот е запишано – македонскиот народ, етничките заедници на албанскиот, турскиот, ромскиот и.т.н. Во Бугарија тоа нешто не постои во Уставот. Нашата позиција е дека тоа е прашање за кое Бугарија самата ќе решава како ќе се организира. Ние немаме никаква намера да се мешаме во тоа како Република Бугарија ќе се организира, рече Османи.
Во однос на останатите прашања за говорот на омразата, за работата на историската комисија, за внесувањето на Бугарите во Уставот, за прашањето за рехабилитација на жртвите од комунизмот, за кусото и долгото име на земјата, вели дека македонската страна одговорила, но за жал не добила одговор од бугарска страна.
Тој коментира дека на последниот Совет во Брисел, како и на претходниот во јуни, 26 земји-членки гласале за Албанија и Северна Македонија да ги почнат преговорите, само Бугарија била против. Според него регионот нема алтарнатива, освен ЕУ. Напомена дека почетокот на преговорите не значи членство утре, тоа ќе трае со години. -Има калкулации дека околу 200 пати од почетокот на преговорите до крајот се носат решенија со компромис. Бугарија може 200 пати да ја блокира Македонија, посочи Османи.
Тој нагласи дека не забораваме дека Бугарија прва ја призна независноста на Република Македонија, кога беше Македонија, дека и покрај се двете земји имаат одлични односи, истакнувајќи дека по потпишувањето на Договорот за добрососедство имало зголемување на економската размена за 20 до 30 отсто.
-Ние Република Бугарија ја гледаме како ЕУ, бидејќи таа е членка на ЕУ. И сега сметам дека Бугарија е клучот на тоа дали тој регион ќе тргне во позитивна насока или ќе влезе во дестабилизирачки модел, со сите последници по целиот континент, нагласи Османи.