Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи смета дека се неопходни лидесртво и одлучност, по примерот со договорот од Грција, за решавање на проблемот со ветото и со Бугарија.

Тој вчера информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.

Одвојувањето на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ, пак, според него, ќе ја влоши регионалната динамика на долгорочен план.

Османи, нагласи дека се уште не може да каже дека имаме договор меѓу двете страни по однос на еден документ што треба да биде сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија.

–  Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој вчера беше во работна посета на земјава.

Прашан дали кочницата за решение се коалициските партнери на бугарскиот премиер Кирил Петков, Османи рече дека не е во ред да ги коментира „внатрешните динамики во Република Бугарија“.

–  Знам дека тие планираат решението да го поминат и во Собранието. За да се помине во Собранието се разбира дека сите коалициски партнери треба да го поддржат тоа решение. Ако тоа значи нешто, но не мислам дека е во ред јас да ги коментирам односите во Бугарија. Се надевам дека во ова време е потребно стратешко лидерство. Време е за стратешки одлуки во ЕУ, во регионот, изјави Османи.

За тоа дали има поместување во политичкиот дел и политичките разлики, шефот на дипломатијата рече дека со бугарската колешка комуницира на дневна основа, додека премиерот Ковачевски со премиерот Петков.

–  Ќе ја повторам оценката, има постигнато напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. По однос, како, што и  кога, но не можам да кажам дека за еден документ има согласност целосна од бугарската Влада, за да можам јас да ги информирам пратениците веднаш, да го споделам документот и да ја информирам јавноста. Не можеме ниту да разговараме поединечно со секој чинител во Бугарија, ниту пак да ги коментираме различните ставови, рече Османи.

Шефот на дипломатијата истакна и дека не сака да ги коментира внатрешните политички разлики во Бугарија.

– Ние комуницираме со бугарската Влада и не сме прифатиле никогаш да имаме паралелни преговори со различните чинители во Бугарија, па и доколку се институционални чинители, не само политички чинители. Ние разговараме со бугарската Влада и навистина останува на неа дали ќе може да постигне едногласност по било кое решение, изјави Османи.

Тој посочи дека, од искуството со Преспа, овие прашања бараат лидерство и бараат одлучност по однос на иднината.

– Доколку покажете какво било двоумење во вашето убедување дека ова е правиот пат по кој што треба да се одвива ова прашање, мислам дека тоа ќе ги охрабри тие што не сакаат да се најде решение. Така што, двете влади во нашите општество ќе наидеме на отпор, на критики. Кое било решение да го ставиме на маса ќе има незадоволни, изјави Османи.

Изјавите на Османи доаѓаат во пресрет на посетата на бугарскиот премиер Петков и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, кои според најавите в сабота во Битола ќе присуствуваат на отворањето на Културниот клуб на Здружението „Иван Михајлов“.

– Со премиерот Петков договараме да има и официјална средба, но не можам да кажам дали ќе биде премиерот заради здравствената состојба, или некој од министрите на далекуводот Битола – Елбасан, а потоа тие ќе имаат свои ангажмани во Културниот центар во Битола во организација на Амбасадата на Бугарија, изјави Османи, одговрајќи на новинарски прашања на прес-конференција во МНР.

Шефот на романската дипломатија Ауреску, пак, порача дека Романија нема да поддржи раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон Европската Унија, откако албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати најави дека ќе побара раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ, доколку Македонија не го реши до јуни прашањето со Бугарија.

– Нема разговори за раздвојување на С. Македонија и Албанија. Не го поддржуваме тоа развојување. Важно е да се најде решение што е можно побрзо да се започнат преговори со двете земји заедно, рече Ауреску на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Бујар Османи.

Ауреску истакна дека Романија е цврст поддржувач на членството на Македонија во ЕУ, и во исто време тесно работиме на многу комплексни прашања.

Османи, пак, од своја страна посочи дека одлуката за раздвојување на Скопје и Тирана е на земјите-членки и дали тие ќе постигнат консензус Албанија да ги почне преговорите.

– Кажав и претходно дека не е долгорочен интерес на Албанија да се одвои од нас на овој пат. Така што ако барем до една фаза во процесот додека политичките критериуми се клучни си помагаме еден на друг, долгорочно ќе се создаде една синергија која го турка целиот процес напред. Се разбира дека Албанија има право да го дигне гласот, да каже ги исполнивме сите критериуми, зошто јас сум заложник на досието на друга држава. Меѓутоа, сум свесен дека и Албанија го дели мислењето дека долгорочно тоа не и одговара и многу земји-членки сметаат дека тоа ќе ја влоши регионалната динамика ако тоа се случи, истакна Османи.

Според него, засега немаме сигнал од ниту една земја членка на ЕУ која би преферирала одвојување на пакетот.

Османи и Ауреску се согласни дека Романија е цврст поддржувач на пристапувањето на Македонија во Европската Унија. Двајцата посочија дека војната во Украина покажа и колку е важна европската интеграција како силен гарант за стабилноста на целиот континент и дека стартот на преговорите со Македонија и Албанија не само што е правичен, заслужен, туку во моментов претставува и потреба или неопходен чекор во насока на засилената улога на регионот во безбедносната архитектура на континентот.

Претседателот Стево Пендаровски, пак, на средбата со министерот Ауреску, истакна дека особено денес е евидентно дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е безбедносен приоритет за Европа, а завршувањето на европскиот проект е клучно за обезбедување на долгорочен мир и просперитет за континентот, додека премиерот Ковачевски и шефот на романската дипломатија оценија дека сега e моментот за исчекор на Македонија во евроинтеграцискиот процес, при што Романија продолжува да се заложува за решение на овој пат.

Инаку, бугарскиот претседател Румен Радев завчера ја повтори цврстата позиција дека за Бугарија е исклучително важно да се придржува до националниот рамковен став во својата надворешна политика кон Република Македонија, до декларацијата на Парламентот, до консензусот постигнат од Советодавниот совет за национална безбедност.

– Се надевам дека ќе ја задржиме оваа политика, бидејќи тоа е единствената гаранција дека имаме одржливост и неповратност на интегративниот процес на РС Македонија, додаде претседателот, рече Радев.

Радев вчера во телефонски разговор со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, посочил дека во интерес на стабилноста на Обединета Европа е секоја земја кандидат за членство во ЕУ да ги почитува европските вредности поврзани со правата на своите граѓани, при што нагласил дека Бугарија очекува категорични резултати од Република Македонија по ова прашање, пред да даде согласност за почеток на преговорите со Унијата.

МИА во разговор со аналитичари објави дека сеопфатен договор со Софија би создал поволни услови да не се злоупотребува процесот за влез во ЕУ со нови барања. Во процесот на изнаоѓање решение со Бугарија, а во контекст и на барањето на албанскиот премиер Еди Рама за одвојување на Тирана од Скопје на патот кон ЕУ ако не се реши прашањето до јуни, потребно е да не се прават отстапки по секоја цена, сметаат аналитичарите. Тие наведуваат дека евентуално сеопфатен договор помеѓу Бугарија и Македонија, што целосно би ја заштитувал земјава и Софија би се обврзала дека процесот нема да биде процесот злоупотребуван понатаму за нови барања, би создал поволни услови да се намалат ризиците за нас и да се согласиме за внесување на Бугарите во Уставот по првата меѓувладина конференција.

Тие наведоа дека кредибилитетот на ЕУ е крајно нарушен во земјава поради одолговлекувањето на процесот на пристапување, којшто стана заробеник на интересите на државите-членки и ако се следи од морална димензија истиот е целосно неетичен и е претворен во процес на идентитетски политики.