Главниот координатор на кризните штабови на општините и заменик премиер Бујар Османи при посетата на Тетово истакна дека со раководството на Исламската верска заедница разговарале за спроведување на мерките за запштита на верниците по одлуката да се дозволи посета на џамиите за молитви од 12 мај.
-Тие одлуката ја имаат донесено врз основа на новите бројките што се во опаѓање и поради фактот дека некои земји во регионот и пошироко во светот носат одлуки да се отворат верските објекти. Разговаравме вчера за подготвување сет на мерки што треба да се имплементираат. Тие се спремни сите мерки кои ние ќе ги дадеме во смисла на одржување на доволна дистанца и одредени мерки за лична заштита, верниците да ги почитуваат при извршување на верските обреди, рече Османи.
На новинарско прашање дали државата може да донесе одлука да го забрани користењето на верските објекти како што тоа го направи со објектите во угостителството и туризмот, Османи одговори дека Уставот не го дозволувал тоа.
-Ние имаме генерална одлука за спречување на собир и на групирање, уредба со законска сила но немаме уставно право да се мешаме во одлуките на верските заедници, истакна вицепремиерот Османи.