Македонија е 100 отсто зависна од увозот на руски гас, нема основа за прогласување на рускиот амбасадор за персона нон грата, а граѓаните кои купуваат горива од руски пумпи индиректно ја финансираат руската армија.
Ова се неколку од поентите на македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи при синоќешното гостување во ТВ 21:
-Граѓаните кои се снабдуваат со нафта од руски компании во земјава, индиректно ја финансираат руската армија. Главните средства на Русија доаѓаат од изворите на природен гас и нафта. Како што гледате Европа е зависна од тој гас и од нафтата и доставата не е прекината целосно токму поради таа зависност, рече Османи во емисијата „Клик плус“.
Според Османи, по ситуацијата во Украина, Европа се свртува кон јаглен и нуклеарна енергија и дека како резултат на тоа Македонија треба повторно да ја ревидира својата стратегија за енергетски ресурси.
-Како што гледате Европа постојано, посебно сега бара алтернативни извори на енергија, но сега за сега ситуацијата е ваква каква што е, додава Османи.
Откако Русија ја прогласи Македонија за непријателска земја поради воведените санкции и поддршката на Украина и некои повици во земјава „рускиот амбасадор да се прогласи за персона нон грата“, Османи изјави дека нема основа за такво нешто.
– Не е прекршување на тоа ниво за амбасадорот да се прогласи за персона нон грата, рече Османи.
Повод за барањата за протерување на амбасадорот беше и изјава на руската амбасада дека „ги следи граѓаните и дека истражува присуство на русофобија“.
Османи со неговиот настап (ин)директно повика на бојкот на руските стоки, велејќи дека граѓаните кои се снабдуваат со нафта од руски компании во земјава, индиректно ја финансираат руската армија.
– Мислам дека Руската Федерација главно се финансира преку извори на енергија. Доминантните приходи на Руската Федерација се од готови енергетски ресурси. Секако дека со нивното купување се финансира руската армија, таму нема дилема, рече Османи.
Тој нагласи дека Македонија мора да ја преадаптира својата долгорочна енергетска стратегија.
– Ние сме зависни 100 отсто од рускиот гас, а за другите горива главно се снабдуваме од Грциј. Цела Европа е зависна од руските енергетски ресурси. Потпирањето единствено на обновливите извори на енергија не е одржливо бидејќи тие не се константни. Имајте сончев ден, имајте повеќе струја. Сега гледам дека Европа се свртува кон јаглен и нуклеарна енергија. С. Македонија секако треба да ја преадаптира својата долгорочна стратегија кон енергетските ресурси, изјави Османи.