Чарли Чаплин е бездомник. Случајно запознава убава, слепа девојка која заработува продавајќи цвеќиња на улица. Играта на судбината е таква што таа помислува дека тој е богаташ и се обидува да му продаде цвет. Чаплин отпрвин не сфаќа, но потоа увидува дека е слепа, дека го заменила со друга, непозната личност, но сега веќе не може да се повлече. Таа седи на бетонска подлога од железна ограда, цветот паѓа, тој се наведува да го земе да и го врати, го препознава нејзиното слепило и само во дел од секундата му се гледа изразот на лицето – но нема назад! Се фаќа за џебот, успева да ја најде последната паричка, последната паричка за него на овој свет без која тој ден, а веројатно и утрешниот и кој знае до кога, до следната последната паричка, ќе остане гладен, и и ја дава. Паричката која за него значи живот. Но и за неа. Меѓу својот и нејзиниот живот, во само еден момент тој, за тој ден, го избира нејзинот. Ја пружа раката, нема колебање, тој се откажува од постоењето во тие денови, за убавата слепа продавачка да го добие.
Таа му го закачува цветот за реверот од изветвеното и парталаво палто, случајно му ја допира раката и оттогаш, по допирот на таа рака го препознава човекот кој во нејзините мисли е богат џентлмен. Тогаш богатиот навистина се појавува, влегува во скапиот автомобил, девојката слуша отворање и затворање на вратата, помислува дека купувачот си заминал. Чаплин гледа, сфаќа, и тихо, бесшумно одејќи наназад за таа да не го чуе се повлекува и заминува по своето беспаќе. Таа останува во своето.
Чаплин наскоро се здобива со пријател, кој го сака кога е пијан, а не го препознава бездомникот кога утрото ќе се отрезни. Истовремено, Чаплин дознава дека девојката може да го врати видот со операција, но за тоа се потребни пари кои таа ги нема. Ниту тој.
Судбината го остава врзан, и за богатиот кој му е пријател во пијаните ноќи, и за девојката на која и се заканува исфрлање од станот со нејзината баба, зашто нема пари да ја плати киријата. И судбината сака бездомникот и натаму да не може да мисли на својот празен стомак, на искинатите панталони од кои виси парче, исто така, искината долна облека. Судбината сака тој да мисли како да ја спаси девојката. Уште кога би знаел како…
Сепак, чудата понекогаш се случуваат. Макар само на филм. Успева од пријателот да добие голема сума пари со кои тој може да се збогува со ветвото палто, со скинатите панталони, со празното талкање по улиците и со кркорењето на стомакот. Но тој не го сака тоа. Тој го сака цветот за кој ја даде последната паричка. Ја сака девојката и ги сака нејзините очи кои гледаат. Знае дека тогаш таа нема веќе да го чувствува и препознава по допирот на раката, знае дека ќе го види вистинското лице на „богатиот џентлмен“, дека наместо него, ќе види парталав бездомник, но нему му е сеедно. Зашто така како што за нејзе се во животот е допирот на неговата рака, за него се во животот се нејзините очи.
И ги дава парите, таа се оперира, а тој исчезнува. Го снемува.
Девојката прогледува, остануваат пари и за цвеќара, за нов живот. Живот во кој гледа. Сега го има видот, има пари, бетонската подлога на железната ограда е само минато. Но, одеднаш, тоа не е доволно. Нејзината душа го бара „богатиот“ џентлмен, неговата рака, тој е нејзините очи, нејзината среќа. Која повторно ја нема.
И потоа одеднаш, патот го наведува бездомникот на улицата во која девојката има цвеќара. Тие се сретнуваат, а крајот на приказната погледнете го во ова видео подолу.
А поената на овие редови е дека денеска ќе добиете многу цвеќиња, испечени ребра и плескавици по кафеани, ќе има и чочеци и пијанки и подароци и парфеми, но ништо од тоа не вреди ако ја немате и ако не ја добиете последната паричка на Чаплин. Денеска, но и секој ден. Сеедно што историскиот повод за овој празник е сосема друг и денес е толку извулгаризиран што речиси и нема смисла. Како и онаа смешка од празник кај католиците во февруари, кој се поклопува со нашиот Св. Трипун.
И затоа, уште еднаш погледнете го видеото (но не и ако не следите на мобилна верзија). И нека Ви е честит 8 Март.