Основниот суд Скопје 2 во денешното соопштение информира дека решението за Скендер Бузаку да биде назначен за нов поглавар на Исламската верска заедница (ИВЗ), Судот не го донел самостојно, туку врз основа на донесени одлуки на верската заедница и на барање на Ријасетот на ИВЗ и дека функцијата на Сулејман Реџепи како поглавар на ИВЗ му престанала откако тој поднел неотповиклива оставка и истата била прифатена од Ријасетот.
Од Граѓанскиот суд велат дека околу тоа дали оставката е фалсификуван документ, може да се одлучува во друга посебна постапка.
– Врз основа на поднесена неотповиклива оставка на реис ул улема на Исламска Верска заедница – Сулејман ефенди Реџепи, примена на ден 25.03.2019 година и заведена под број 15-13/174, Ријасетот на ИВЗ на РМ на ден 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот реис ул улема и на истата седница за реис ул улема е избран Скендер Бузаку.
Врз основа на донесените одлуки на Ријасетот на Исламската верска заедница на ден 03.04.2019 година, до Основниот суд Скопје II Скопје поднесено е барање за промена на лице за застапување на Исламската верска заедница. Постапувајќи по поднесеното барање Основниот суд Скопје II Скопје, на ден 17.04.2019 година, донесе решение со кое барањето на Исламската верска заедница за промена на вршење на функција реис ул улема е уважено и врз основа на поднесените документи извршена е промена на функција реис ул улема, па како реис ул улема е запишан Скендер Бузаку, се наведува во соопштението.
Од Граѓанскиот суд посочуваат дека наведената одлука за промена на вршител на функцијата реис ул улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена.
Во оваа смисла, како што е наведено во соопштението, Судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската верска заедница.
–По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на реис ул улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, Ве известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Во постапка согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, Судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и истите ги изразува во Решение за промена. Наведеното дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на реис ул улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата, се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје 2.