ВМРО-ДПМНЕ остро го осудува инцидентот за време на денешната манифестација по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, во кој беше повредена новинарката Мирјана Мирчевска, долгогодишно препознатливо медиумско лице, се вели во реакцијата од опозициската партија.
– Никој не смее да се служи со насилство, особено не на ваков ден, особено не против јавноста, против новинарите, оние кои се таму за да ја доближат оваа манифестација, оние кои го пренесуваат овој христијански чин преку медиумите, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Демократијата, се вели во соопштението, подразбира слободни медиуми и достапност до информации.
– Секое насилство против новинар е насилство против демократијата. ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува и поттикнува медиумите уште повеќе да бидат присутни меѓу народот и уште поревносно да ја пренесуваат македонската традиција и културна посебност, да ја пренесуваат вистинската слика од и за Република Македонија. МВР мора што побрзо да го расчисти случајот, а виновниците да бидат санкционирани, бара опозициската партија.