Над 360 илјади луѓе го загубија животот, а материјалната штета се проценува на 400 милијарди долари. Повеќе од 13 милиони луѓе се раселени или бегалци, а Дамаск се уште се соочува со огромни предизвици додека една третина од сириската територија и натаму не е под контрола на власта.

Последиците од крвавата граѓанска војна во оваа земја се навистина страшни – во Сирија владее катастрофална економска состојба, има висока невработеност, недостаток на електрична енергија и гас, а огромен дел од Сиријците, според проценките на Обединетите нации, живеат на работ на сиромаштијата.

Интензитетот на судирите денес е драстично опаднат, а таканаречениот Калифат на Исламската држава е на работ на пропаст, но сепак, ова и натаму не значи дека во земјата владее мир, пред се поради неколкуте земји кои што и натаму оперираат со своите армии и платеници на територијата на Сирија.

Во прв план се Русија, Иран, САД и Турција, земји кои што и натаму се присутни во Сирија, земја во која што владее огромна поделба на народот. Повеќе од една третина од земјата е под контрола на силите на странските земји кои што ги создадоа и финансираа локалните бунтовници.

Неколку региони во Сирија остануваат на мета на Дамаск, меѓу кои се и териториите кои што се под контрола на Курдите. Курдите досега беа поддржувани од Вашингтон, а тие единствено се бореа против џихадистите на Исламската држава. Покраината Идлиб е „заштитена“ од турско-рускиот договор кој спречи офанзива на сириската армија.

Турција ги задржа контролните точки во тој регион и заедно со своите платеници, турската армија контролира неколку градови кои стравува дека доколку се повлече, ќе бидат заземени од Курдите. Инаку, целиот регион е населен од мнозинско курдско население, а Башар Ал Асад остро се противи на турската воена интервенција во земјата.

Свои сили и платеници имаат распоредено и Иранците, кои што оперираат во јужните делови на Сирија и го вклучуваат алармот во Израел. Во изминатата година, голем број на ракетирања на израелска територија извршија токму иранските сили, на што Израел жестоко одговараше со воздушни напади.

Американците се проценува дека имаат околу 200 свои војници во Сирија, а Русите и натаму контролираат најмаку две поголеми воени бази. Дали овој ужас за Сиријците има крај, засега никој не може да даде сигурен одговор.