Бројот на баратели на азил во земјите членки на ЕУ лани се намали на нивото од пред мигрантската криза во 2015 година, соопшти денеска Европската статистичка агенција (Евростат).

Според податоците на Агенцијата, лани во земјите членки на ЕУ азил побарале 580.000 лица, што е намалување за 11 отсто во однос на 2017-та и на ниво како и во 2014 година.

За време на мигрантската криза во 2015 година, во ЕУ пристигнаа околу 1,2 милион бегалци, што претставува најголем бран на мигранти во Европа по Втората светска војна.

Најмногу барања за азил лани биле поднесени во Германија, а по неа следуваат Франција, Грција, Шпанија и Италија.

Најголем пад на бројот на баратели на азил лани е регистриран во Италија, додека најголем пораст на подносители на барања за престој од дури 80 отсто има на Кипар.

Меѓу барателите на азил во ЕУ и лани најбројни биле државјаните на Сирија, а по нив следуваат Авганистанците и Ирачаните.