Грета Тунберг, 16- годишната активистка за животната средина и организатор на младинските протести за климатски промени, е номинирана за Нобелова награда за мир.

Таа сама почна да протестира во Шведска во август, но оттогаш ги инспирира учениците од целиот свет. Се очекува утре да се штрајкува во 1.659 града во 105 земји, а стотици илјади млади луѓе ќе бидат дел од овие протести.

– Ја предложив Грета Тунберг затоа што ако не направиме ништо за да ги запреме климатските промени, тие ќе бидат причина за војни, конфликти и бегалци. Грета започна масовно движење што јас го гледам како голем придонес за мир – изјави норвешкиот социјалист и пратеник Фреди Андре Овстегард.

– Почестена сум и благодарна за номинацијата. Утре ќе штрајкуваме за нашата иднина, а тоа ќе продолжиме да го правиме онолку долго колку што е потребно – изјави Грета. Таа лично ги предизвика лидерите на климатскиот самит на ОН кон крајот на 2018 година и во Давос во јануари.

– Промените доаѓаат, без оглед дали ви се допаѓаат или не – рече таа.

Националните политичари и некои универзитетски професори може да номинираат кандидати за Нобелова награда за мир. Номинирани се 301 кандидат за наградата за 2019 година: 223 индивидуалци и 78 организации.