Се освети манастирот Св. 40 Маченици изграден на Смилковското езеро во слава и сеќавање на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стевковски кои пред 12 години беа кукавички убиени на ова место.

-Со изградбата на овој манастир, грозоморниот чин на убиството нема никогаш да се заборави и никогаш да не се повтори! Чинот на осветување го изврши неговото блаженство, Архепископот Охридски и Македонски Господин Господин Стефан, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во ИЕ 2, Владо Мисајловски, кој денска присуствуваше на осветувањето заедно со лидерот на партијата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, како и градоначалниците на општина Гази Баба и Бутел, Бобан Стефковски и Дарко Костовски.

-Денес присуствував на осветувањето на храмот Свети 40 Маченици кој е во чест на загинатите на Смилковско езеро. Слава им!, истакна Мицкоски.

Храмот е изграден во слава и сеќавање на Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски и Борче Стефковски кои беа убиени на 12.04.2012 година на ова место.

Како што соопшти Општина Гази Баба, иницијатор за изградбата на овој храм е здружението на граѓани „Св. 40 Маченици“, а со посебна поддршка и помош од градоначалниците на општините Гази Баба и Бутел Бобан Стефковски и Дарко Костовски.

Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква Охридска Архепископија г. г. Стефан.

– На ова место се случи исклучителна трагедија извршена од луѓе – нелуѓе, извршена од ѕверови во човечки кожа. Исто како 40те Маченици, животите на тие пет луѓе, христијани и македонци, чеда на мајката црква беа одземени поради само една причина, поради нивната христијанска вера и нивната македонска крв. Преку овие пет христијански души се покажува дека сведоштвото на мачениците претставува семе за црквата. И ете се изгради овој мал, но убав дом божји и денес ја имаме радоста да го осветиме, истакнал Г.Г. Стефан.

Тој упатил благодарност до сите кои помогнале за изградба на овој храм, а посебно до градоначалниците на Гази Баба и Бутел, Бобан Стефковски и Дарко Костовски за кој кажал дека ќе бидат одликувани од страна на Скопската епархија.

На осветувањето на храмот, присуствувале министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и голем број на граѓани.

Фото: Фејсбук