МОЖНО ЛИ Е
ВО ВАКОВ СВЕТ И ВО ВАКВО матно и збунувачко ВРЕМЕ ДА СЕ ЖИВЕЕ КАКО ХРИСТИЈАНИН?

1. Ние, христијаните православни сме повикани во овој и ваков свет да војуваме на НАШ НАЧИН, а тој начин се темели врз сведоштво и вистина дека во Христа Исуса и Неговата откупителна жртва на Крстот и Воскресението – ЗЛОТО, ГРЕВОТ и СМРТТА СЕ ПОБЕДЕНИ! Тоа значи дека секој обид да се ПОВРАТИ ВЛАДЕЕЊЕТО на сатаната и неговото зло во овој светот се безуспешни.

2. Точно е дека при крајот на овој свет ќе му се даде, по Божја промисла и допуштение, на сатаната и на антихристот „власт“ – но тоа ќе биде за крајно разобличување на злото и за разобличување на отпадништвото на оние што ќе го примат духот на отпадништвото во себе (Откровение. 20, 1 – 3).

3. Христијаните се повикани во мудрост и во силата на Духот Свет да не влегуваат во „шемата“ и „играта“ на разни „режисери“ и „сценаристи“, односно да не си ја условуваат својата мисија, визија и сведоштво според пропагандите на синовите на темнината. Што значи тоа?
Тоа значи да не се крои христијанската вера, пракса и духовност според мерката на антихристот – туку според МЕРКАТА НА ХРИСТОС!
Приметувам дека многу православни христијани својата вера, духовност и црковно делување си ја мерат според тоа што и како прават синовите на темнината. При што и самите допуштаат разни пропаганди и манипулации од синовите на темнината да навлезат во црковниот живот – за да го ПАРАЛИЗИРААТ, УСПИЈАТ, УМРТВАТ или да го исполнат со ФОРМАЛИЗАМ, ФАНАТИЗАМ и непотребен СТРАВ!

4. Уште од времето на раното христијанство па до денес на ЧЕСНАТА ТРПЕЗА во секоја православно христијанска црква (храм) се наоѓа најстрашното оружје против синовите на темината – а тоа е ЕВАНГЕЛИЕТО ХРИСТОВО!
Па, браќа и сестри, користет го ова „оружје“!
И затоа :
а. СЕКОЈДНЕВНО ЧИТАЈТЕ ГО Светот Писмо, а особено Новиот завет – Евангелието;

б. Често причестувајте се/ засведочувајте го своето единство со Христос/ Месијата преку Неговото Тело и Крв, се разбира со претходна подготовка, духовен увид и благослов од духовниот раководител

в. Читајте ги со внимание светите отци и учители на Црквата и од нив извлекувајте го здравиот духовен сок за се што ве збунува. Разговарајте за секоја нејаснотија со поискусни браќа и сестри, или со духовниот раководител. Не толкувајте сами по себа и за себе, туку барајте вистинско разјаснување за се;

г. Внимавајте околку изборот на духовен раководител!
Гледајте тој да биде автентичен претставник на апостолското – светоотечко православно христијанско верување и духовност. Тоа ќе можете да го проверите ако го познавате духот на пораката Божја запишана во Светото Писмо, но, и ако со смирение, со здрав реализам, а без егоизам, суета и лажно – мистични умислености, приоѓате кон овој избор;

д. Гледајте, доколку сте во можност, да припаѓате на здрава евхаристиска заедница, а по можност и парохија! Ако такво нешто нема во вашата околина, тогаш молете се искрено, и Господ ќе благослови да има, ако и вие самите се потрудите во остварување на таа цел;

ѓ. Пазете се од секаква ревност (зилотизам/ фанатизам) – не по разум! Бегајте од секаков тип на исклучивост и формирање на „вера“ и „верска пракса“ по свој вкус и за своја цел!
Негувајте благодатен љубавно – критички апарат за расудување. Мерете се со љубовта Христова и вреднувајте се со Неговата Вистина! Секое отворено прашање или проблем решавајте го СОБОРНО со разговор и благодатна и конструктивна дебата која секогаш ќе има за цел да се унапредува и зајакнува заедништвото во црковната заедница;
+++
. А вие, немојте да се наречувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа;и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник – Христос.Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга; зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат. (Матеј. 23, 8 – 13)
+++

5. Помагајте ја мисијата и духовната просвета на вашата парохија (Црковна општина)/ или манастир.

Сведочете го Христос и Неговата спасителна евангелска вистина во духот на апостолската – светототечка правоверна христијанска вера – значи, првин со дела, односно со ДУХОВНА ЗРЕЛОСТ И ОСЕТ ЗА РЕАЛНОСТ, а потоа со пројава на духовна (благодатна) сила и збор.

Помагајте им на сите оние кои ја бараат вистината – да дојдат до неа и да живеат во неа,
– Внимавајте на семејството и вистинското духовно воспитување и образување на децата,
– Молете се за вашите епископи и презвитери – да бидат достојни пастири на Црквата! Ако треба, посочете им ги нивните недостатоците – но во дух на неосудување и љубов, а без клевети и озборување зад грб,
– И ако ги правите овие нешта, а и многу други како вистински ученици на Христос/ Месијата и живи членови на Неговата Црква – ТОГАШ ОД НИШТО НЕ ПЛАШЕТЕ СЕ – БЛАГОДАТНА ВОЈНА ВОДИТЕ И ПЛОДОВИТЕ НА ПОБЕДАТА ЌЕ ГИ ЖИВЕЕТЕ УШТЕ ТУКА И СЕГА!

+++
„Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светот Дух, И УЧЕЈЌИ ГИ ДА ПАЗАТ СЕ ШТО СУМ ВИ ЗАПОВЕДАЛ, И ЕТЕ, ЈАС СУМ СО ВАС ПРЕКУ СИТЕ ДНИ ДО КРАЈОТ НАСВЕТОТ!“ (Матеј.28, 18 – 20)
+++

„ Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исуса Христа за вас незнабошците.
2. Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас,
3. односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и погоре ви напишав накратко,
4. од кое, читајќи, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христа,
5. која што, на синовите човечки од поранешните поколенија, не им беше кажана, како што сега се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Светиот Дух.
6. Тоа стана за да бидат и незнабошците сонаследници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христа Исуса преку Евангелието,
7. на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила.
8. На мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – да им го проповедам на незнабошците неискажаното богатство Христово
9. и на сите да им откријам во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исуса Христа,
10. та многуразличната премудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни,
11. според предвечното определение, кое Он го изврши во Христа Исус нашиот Господ,
12. во Кого, преку верата во Него, имаме слобода да се доближуваме до Бога со доверба.
13. Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава.
14. Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос,
15. од Кого се именува секој род на небесата и на земјата,
16. да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек,
17. и преку верата Христос да се всели во срцата ваши,
18. та вкоренети и утврдени во љубовта, да можете да разбирате со свои светии, што е ширина и должина, што е длабочина и височина,
19. и да ја узнаете Христовата љубов, што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја.
20. А на Оној, Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сè, што бараме или помислиме,
21. Нему нека е слава во Црквата преку Исуса Христа во сите родови и за сите векови. Амин!„ (Ефесјаните. 3, 1 – 21)
——

ваш, во Христа брат и слуга, презвитер Ивица Тодоров