Зар не може барем да се намалат средствата за украсување и дел од нив да се употребат за да се нахранат гладните, да се платат сметки на социјално загрозените, да се плати лекување и да се спаси живот?

Ова му го пишува отец Оливер Петровски на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, кој не отстапува од намерата да потроши 200.000 евра за новогодишно украсување на Скопје со елкички и лампиони.

Еве го целото обраќање преку Фејсбук на отец Оливер до Шилегов:

– Почитуван Петре Шилегoв, татко на нашиот главен град. Внимателно ја прочитав Вашата изјава за новогодишното украсување на Скопје и делумно се согласувам со Вас. Но… Зар не може БАРЕМ да се намалат средствата за украсување и дел од тие средства да се употребат за да се нахранат гладните, да се платат сметки на социјално загрозените категории, да се плати лекување и спаси живот? Сведоци сме на илјадниците апели кои кружат низ социјалните мрежи. Една од нив е и мајка на две МАЛИ дечиња која моли за лекување и спас на нејзиниот живот за само 37.000 евра… Зар не може да се намали украсувањето за таа сума и на нејзините деца да не им се ускрати детството и радоста? Може, ако се сака.. Ве замолувам како родител, како хуманист и како човек: помогнете да го спасиме животот на Елизабета. Бог да ве благослови, му пишува отец Оливер на Шилегов.

Слични апели до Шилегов имаше и од повеќе други граѓани преку социјалните мрежи. Но, Шилегов не отстапува. „Борецот против спомениците“, како што е познато, во Скопје со народни пари монтира и парк за диносауруси во Зоолошката градина.