Отец Сашо СТОЈЧЕВ

Според Опширното житие на светите Кирил и Методиј, чесното тело на св. Методиј е погребано во соборната црква во Велеград. Повикувајки се на Житието на св. Методиј каде се вели дека Методиј бил поставен за епископ „во Панонија на престолот на апостол Андроник, еден од седумдесете Христови апостоли“ за најголем дел од авторите кои пишувале за овој проблем, градот Велеград бил престолниот град на областа Панонија за чиј архипастир бил поставен св. Методиј.

Досега се изнесени повеќе претпоставќи за тоа каде се наоѓа градот Велеград, а со тоа и гробот на св. Методиј и се направени повеќе од 10 археолошки истражувања со конкретна цел пронаоѓање на гробот на св. Методиј Солунски на повеќе локации во Чешка, Словачка и на две локации Србија (Белград и Сремски Карловци). Сите овие археолошки експeдиции завршиле неуспешно што на некој начин покажува дека изнесените претпоставки и хипотези за тоа каде се наоѓал тој град не можат да се одржат.

Од друга страна, топонимот Велеград (Βελεγράδων) многу автори го подразбираат како Белград. Рускиот историчар Евгениј Голубински е дециден дека Велеград значи Белград со што е согласен и рускиот лингвист академик A.K.Шапошников кој дава интересно толкување велeјќи дека топонимот Велеград во текстовите на црковнословенски јазик е литерарна фикција и буквален превод од старогрчки на оригиналниот антски топоним Бѣльградь. Според него градови со име Белград во Панонија, имало неколку.

За да биде појасно каде се наоѓал наведениот Белград Панонски, од клучно значење е да се види што древните автори подразбирале под поимот Панонија? Кај многу византиски и латински автори јасно е кажано дека Панонија и Пеонија се едно исто, дека се синоними, односно означуваат една иста област. Апијан Александриски (2 век) во својата Римска историја, пишувајќи за Пеонците кои ја населувале Илирија ќе напише:

“Пеони ги нарекуваат Елините а Римјаните Панони”. Апијан понатаму дава толкување за потеклото на Пеоните и нивното име. Според него Пеоните потекнуваат од Автазиј еден од синовите на Илириј по кого и целата област и сите народи општо се нарекувале Илири, и кој имал син Панониј или Пеон.

Од наведеното јасно се гледа дека Апијан Пеоните и Паноните ги сметал за еден народ, кого Римјаните ги наркувале Панонци а Елините Пеонци. Јован Лидијски вели дека “…Панонија, Елините ја нарекле Пеонија заради благозвучие и за да го избегнат варваризмот”. Идентичен став имаат и Јован Зонора, Дион Касаи и многу други византиски и латински автори.

Каде почиваат моштите на рамноапостолниот св. Методиј знае само Бог, и ќе бидат откриени кога ќе благослови Бог или пак можеби никогаш нема да бидат откриени но од наведеното јасно се изведува заклучок дека Панонија и Пеонија се едно исто, а тоа значи дека гробот на св. Методиј можеби треба да се бара во некој Бел град во Пеонија. Впрочем областа Пеонија која својот центар го имала по течението на реката Брегалница, е област каде Методиј претходно бил цивилен управител и каде подоцна со својот брат Кирил го создаваат словенското писмо(град Равен) и каде Словените најпрво го примаат христијанството. И за крај, бугарскиот историчар д-р Ганчо Ценов, професор на Берлинскиот универзитет, коментирајќи го податокот дека св. Методиј бил наследник на тронот на апостол Андроник ќе каже: “Бидејќи Андроник бил илирски или македонски владика, оттаму Методиј како негов наследник бил македонски владика”.