Отец Ивица ТОДОРОВ

ШТО Е ВИСТИНА?!
Кога се обидуваме да ја објасниме вистината најчесто велиме дека таа е нешто што не се менува, односно, дека таа сведочи за суштини, закони, процеси и настани кои се такви – какви што се.

Вистината не трпи влијание, корекции или ограничувања. Вистината е ИСТА, затоа што не зависи од човек, односно, истата може само да ја осознаваме, а не и да ја создаваме.

Само Оној КОЈ Е ВИСТИНА ја промислува, создава и благословува вистината во суштините, законите, процесите и настаните!

Бог е ВИСТИНА! Тој е ВИСТИНСКИ! Тој е творец и заштитник на вистината за суштините, законите, процесите и настаните!

ШТО Е ЛАГА?!

Ако вистината е секогаш иста и не може да ја создаваме, ЛАГАТА не е секогаш иста, затоа што е променлива по потреба, а и ЛАГАТА може да ја создаваме, односно, да ја измислуваме според потребата и целта!
Лагата трпи усовршувања, влијанија, раширувања, а се со цел поуспешно да ја искривува или потиснува ВИСТИНАТА!
ЛАГАТА Е АГРЕСИЈА ВРЗ ВИСТИНАТА, врз истото, затоа што лагата и завидува и ја мрази вистината и секогаш има за цел себе си да се прогласи за „вистина“!

Бог не е лага! За Бог лагата е неприфатлива затоа што е разрушителна и отровна! Бог не е творец на лагата, зашто лагата го разрушува и труе сето она што Тој го промислил, создал и благословил во сите суштини, закони, процеси и настани!

ШТО Е НЕЗНАЕЊЕ, а ШТО Е ЗНАЕЊЕ?!

Ако вистината и лагата може некако да ги објасниме со зборови, НЕЗНАЕЊЕТО и ЗНАЕЊЕТО малку потешко!

Незнаењето е последица! Свесноста за незнаењето е врата кон знаењето!

Знаењето е осознавање на вистината, но и на лагата!

Знаењето е светлина на умот, храна за мозокот, созревање на чувствата, слобода и достоинство на ЛИЧНОСТА!

Во незнаењето свесноста и совесноста се или неактивни или збунети!

Во знаењето свесноста и совесноста се активни и цврсто насочени кон вистината, здравото, хармоничното и доброто!
Бог не‘ поттикнува да осознаваме! Бог е нашиот единствен вистински УЧИТЕЛ на вистинската ВИСТИНА!

Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.

Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.

Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји.

А овој суд е затоа што Светлината (Вистината) дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината (лагата) отколку светлината (вистината), зашто нивните дела беа зли.

Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината (вистината) и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела бидејќи се лукави.

А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.
(Јован. 3, 1 – 21)