Пентагон го отфрли предлогот на Полска да ги префрли нејзините борбени авиони МиГ-29 во САД за испорака во Украина, нарекувајќи го неодржлив, изјави портпаролот на Пентагон Џон Кирби.
Пентагон е во контакт со полската Влада по ова прашање, но полскиот предлог покажува колку е сложена ситуацијата, се вели во соопштението на Кирби.
– Едноставно не ни е јасно дека постои суштинско образложение за тоа. Ќе продолжиме да се консултираме со Полска и со другите наши сојузници во НАТО за ова прашање и тешките логистички предизвици што тоа ги поставува, но не веруваме дека предлогот на Полска е одржлив, нагласи Кирби.
Полска не е подготвена сама да испорача ловци МиГ-29 на Украина, изјави претходно полскиот премиер Матеуш Моравјецки за новинарите во Осло на прашање за испорака на полски ловци за Украина.
– Мора да се нагласи дека Полска не е страна во оваа војна, а и НАТО не е страна во оваа војна. Затоа одлуките за набавка на офанзивно оружје мора да се носат на највисоко ниво во НАТО. Затоа ние сме подготвени да префрлиме дел од нашите ловци во Рамштајн (американска воздухопловна база во Германија), но не сме подготвени да преземеме независни чекори, рече Моравјецки.
Полското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека земјата е подготвена да ги префрли своите ловци МиГ-29 на САД и да ги достави во воздухопловната база Рамштајн.