Група од осумдесетина мигранти кои со часови биле на територија на ничија земја на границата помеѓу Босна и Херцеговина и Србија, сепак останале во Србија, и покрај обидите по секоја цена да се префрлат во БиХ, пишуваат босанските медиуми.

На локацијата Вардишка, помеѓу БиХ и Србија, мигрантите биле запрени од босанската гранична полиција, по што почнало натегање помеѓу двете полициски агенции за „чии мигранти“ станува збор.

Во еден момент, како што јавија медиумите, припадницитена граничната српска полиција тврделе дека мигрантите кои се нашле на ничија земја, всушност биле пренесени од Сараево назад во Србија.

– Ние не сакавме да ги прифатиме српските ултиматуми, иако ни тврдеа дека мигрантите не дошле од Србија, туку дека се вратени од Сараево и дека српските полицајци ги затекнале тука. Не може мигрантите едноставно да паднат од небо, изјави министерот за безбедност на БиХ, Драгам Мехтиќ.

Дека територијата на БиХ стана земја на мигрантската рута кон западна Европа, покажува и тоа што утрово, беше откриена и нова група од десетина мигранти во центарот на Зворник, недалеку од тн. Железен мост, еден од граничните премини со Србија.

На местото каде што групата мигранти одморала, набрзо стигнале припадници на граничната полиција, кои ги уапсиле мигрантите, а потоа ги однеле во службени простории.

Меѓу мигрантите имало жени и со деца, младичи, но и постари лица. При легитимирањето еден од нив рекол дека доаѓа од Ирак.