Со претставата „Жена ми се вика Борис“ вечер од 20 часот почнува новата сезона на Театар Комедија.
До крајот на меецов на репертоарот на овој театар се и претставите: „Жени пред нервен слом“, „Стјуардеси“, „Боливуд“, „Вечера за глупаци“, „Човек, ѕвер и доблест“, „Не сега, драга“ и „Вардарски пастуви“.
Претставите во Македонскиот народен театар во оваа година ќе почнат в петок (24 јануари) со изведба на „Бесачи“ на режисерот Јавор Грдев, која на репертоарот е и наредниот ден.
Годината за МНТ почна со гостување во Кина – екипата од „Галеб“ на режисерката Нина Николиќ денеска ќе учествува на 20-тиот уметнички фестивал „Средба во Пекинг“.
Драмски театар-Скопје, пак, го одложи за наредната недела почетокот на новата сезона. Претпремиерата на претставата „Мојот маж“ по текст на Румена Бужаровска и режија на Нела Витошевиќ, која беше закажана за денеска, е одложена за наредниот месец.
Новата сезона во ДТС ќе почне идниот вторник (28 јануари) со претставата „Како да се ограби банка?“ во режија на Иван Манасковски.