Договорот меѓу Иран и Оман за нов механизам за регулирање на пловењето на бродовите низ Ормуската теснина нема нужно да доведе до повторно отворање на овој клучен морски пат, соопшти денеска Техеран, цитиран од ДПА.
Пред теснината да биде отворена повторно, САД мора да ги исполнат барањата на Иран, изјави портпарол на влијателниот Корпус на Исламската револуционерна гарда, цитиран од иранска новинска агенција.
Тој го повика Вашингтон да не се меша во преговорите меѓу Иран и Оман. Двете земји што имаат пристап до Ормуската теснина водат преговори веќе една недела за тоа како да го регулираат преминувањето на бродовите низ неа.
Пред САД и Израел да започнат напади врз Иран кон крајот на февруари, околу една петтина од светската трговија со нафта минуваше низ земјата.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавуваше дека Вашингтон учествува во преговорите. Доколку разговорите доведат до создавање механизам што ќе му даде на Иран значителна контрола врз превозот низ Ормуската теснина, тоа би претставувало стратешки успех за Техеран по месеци американски напади.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи, изјави дека Техеран и Мускат се блиску до постигнување договор. Според него, отворањето на Ормуската теснина до одреден степен зависи од фактот дека САД ќе компензираат за прекршувањата на рамковниот договор склучен во јуни. Тоа требаше да го отвори патот за траен прекин на непријателствата. Арагчи не даде повеќе детали за конкретните барања на Техеран.
Министерот додаде дека механизмот што се дискутира со Оман предвидува создавање нова привремена рута за минување низ теснината.
МИА




