Фестивалот ги чува и ги негува изворните фолклорни традиции, а интересот и кај младите и кај старите за изворниот мелос останува, рече Илчо Јованов, етномузиколог и претседател на Извршниот одбор на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ на синоќешното отворање на оваа единствена од ваков вид национална манифестација.

Фестивалот „Пеце Атанасовски“ 44. по ред, заживеа во центарот на Прилеп на плоштадот „Александрија“ каде се претставија дел од 250-те годинашни учесници од цела Македонија.

Учесниците кои настапија на првата фестивалска вечер од Прилеп, Битола, Кочани, Тетово, од Кривопаланечко, Демирхисарско не го кријат задоволството што се дел од фестивалот.

– Јас речиси цел живот сум со гајдата. Самоук музичар сум и не пропуштам да учествувам на Фестивалот. Музиката извир аод мојата душа и јас со гајдата ги пренесувам чувствата, вели гајдаџијата Љупчо Најдоски од Македонски Брод,

Јашар Сејдиу од Тетово рече дека е првпат на фестивалот:

– За првпат сме со мојот брат на Фестивалот да ја покажеме изворната музика од Тетово. Пеце Атанасовски беше извонреден музичар и низ светот ја раскажуваше приказната за изворната музика од Македонија, вели Сејдиу.

Никола Ампов од Кочани свири на тамбура:

– Младите ја изведуваат, ја пеат и ја свират традиционалната музика. Оригинална е, вели Ампов.

Околу 15 соло изведувачи и групи се претставија на првата фестивалска вечер во Прилеп. Вечер од 18 часот на Рудина кај Долнени ќе се одржи натпреварувачкиот дел и фестивалското жири ќе ги прогласи најдобрите изведувачи. Ќе ја додели Гран при наградата за најуспешни изведувачи, а општина долнени ја доделува гајдата на Пеце на најдобриот гајдаџија.

Во рамките на фестивалот од 25 до 29 јуни во Спомен-куќата на Фестивалот во Долнени по петти пат се одржа Семинарот за изучување на народните инструменти и песни што со 15 ина ученици од долненското училиште го водеше етномузикологот Горан Василески.