Групата Г7, во која членуваат индустриски најразвиените земји од Западот, размислува за блокада на транспортот на руската нафта за да ја лиши Москва од приходи поради инвазијата на Украина – освен ако се ограничи цената на нафтата. Групата Г7 е составена од САД, Канада, Франција, Германија, Британија, Италија и Јапонија.
EPA-EFE

Во изјава за јавноста министрите на Г7 кажаа дека размислуваат „сеопфатна забрана на сите услуги кои го овозможуваат поморскиот транспорт на руската сирова нафта и нафтени деривати низ светот, освен ако нафтата не се купува по цена договорена во консултации со меѓународните партнери или под таа цена“.

„Со разгледувањето на оваа и други опции исто така ќе разгледаме и други мерки за намалување на цените, заедно со рестриктивните мерки, за да обезбедиме најранливите земји и понатаму да имаат пристап до енергетските пазари, вклучувајќи го и рускиот“, се наведува во изјавата.

Западните земји ѝ воведоа санкции на Русија по инвазијата на Украина. Но Кина и Индија решија да увезуваат уште повеќе евтина руска нафта отколку пред почетокот на војната.