Вицепремиерот Љупчо Николовски, задолжен за борба против корупцијата, во коментар за ИРЛ вели дека последното рангирање на Транспаренси Интернешнл не значи дека „корупцијата пораснала, туку резултатите се перцепција на граѓаните“.
Тој за овој впечаток на граѓаните вели дека има три причини. Сега повеќе и послободно се зборува за корупција, граѓаните имаат невозможни очекувања и корупцијата е дел од колективната свест.
„Медиумите се послободни и може да се известува за случаи за кои порано поретко се слушало. Граѓаните очекуваа драстична промена во судството, која, како чесна и отчетна Влада би морале да кажеме, е помакотрпна од очекувањата, но сепак тековна. Државата сѐ уште е во процес на градење на колективна свест за штетното и разорно дејство на корупцијата, но ситното подмитување (активно и пасивно) тешко се искоренува“, вели Николовски за ИРЛ.