Косовскиот министер за надворешни работи Беџет пацоли изјави дека меѓу Србија и Косово не би требало ни да постои граница и оти „топката треба да се префрли на економско поле“.

– Некогаш живеевме заедно и гледам тенденција дека и тие сакаат да живеат заедно. Наместо да правиме граници, треба да ликвидираме граници и да ги пуштиме луѓето да се движат слободно, изјави Пацоли во Њујорк за ТВ Прва.

Тој е уверен дека решението е на друго место и дека „топката треба да се префрли на економско поле“, пренесува Танјуг.

– Таму е решението – економска соработка, повеќе работни места, зголемен економски раст, подобар живот на населението, поквалитетно образование и повеќе производи на маса. Тоа треба, и ако има волја и од северна и јужна страна, тоа може да се постигне, истакна Пацоли.

Тој смета дека решението на косовското прашање е и близу и далеку.

– Многу сме далеку и многу сме близу. Се е во наши раце. Ако сакаме, можеме да бидеме многу поблиску, а ако не сакаме – тогаш сме далеку, изјави косовскиот министер.