Државниот завод за статистика објави дека просечната нето-плата во ноември изнесувала 38.359 денари, а тоа значи дека е помала за дури 484 денари во однос на октомврискиот републички просек кога изнесувала 38.843 денари.

За разлика од месечното намалување кое е 1,2 проценти, на годишно ниво имало номинален раст на просечната плата од 16,2 проценти, или за 5.384 денари, затоа што во ноември 2022 година просечната нето-плата била 33.011 денари.

Со вкалкулирана инфлација, како што објави Република, Државниот завод за статистика пресметал дека ноемвриската плата е уште повеќе намалена во однос на октомвриската, односно за 1,4 проценти. Инфлацијата изеде дел и од номиналниот раст на платите на годишно ниво, па со пресметана инфлација тие се зголемиле за 12,7 проценти.

Статистичарите пресметаа дека годишниот раст на платите се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (23,8 %), Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (22,0%), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (19,4 %).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот (8,0 %), Рударство и вадење на камен (5,9 %), Финансиски дејности и дејности на осигурување (4,6 %).