Бруто домашниот производ на Грција бележи пад од 11,7 отсто во третиот квартал од годинава во споредба со истиот период лани, но и зголемување од 2,3 проценти за разлика од второто тромесечје од 2020 година, согласно привремените податоци што денеска ги објави Грчката служба за статистика, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за финансии на Грција Христос Стајкурас вели дека податоците ја истакнуваат „динамиката што грчката економија ја разви пред здравствената криза и нејзината издржливост за време на кризата“.

-Грчката економија, сепак, покажува и отпорност, како што се гледа во податоците за вториот и третиот квартал од годината. Податоците покажуваат дека економијата во првите девет месеци од 2020 година се движи со едноцифрена рецесија, вели Стајкурас и додава дека  нема да се направат никакви промени во проценките на буџетот за годинава, односно останува намалувањето за 10,5 отсто од БДП.