За првпат по три месеци, цените на нафтата Брент утрово паднаа под 100 долари за барел поради загриженоста за глобалната рецесија што ја намалува побарувачката.
Конкретно, цената на барел северноморски брент за испорака во септември падна за 7,10 отсто до 99,49 американски долари. Тоа е првпат нафтата да падна под границата од 100 долари за околу три месеци.
Паралелно со пад од 7,92 отсто се затвори цената на барел американската нафта West Texas Intermediate (WTI) за испорака во август, на 95,84 долари.
Нафтата е во слободен пад
– Нафтата е во слободен пад и може да продолжи да паѓа, заклучи Крег Ерлам, аналитичар во Оанда.
– На Запад, комбинацијата на високите цени на енергијата и зголемувањето на каматните стапки ги поттикнува стравувањата од рецесија која би имала сериозно влијание на пазарот на црното злато, вели аналитичарот на Комерцбанк, Карстен Фриц.
Од друга страна, новиот бран на рестриктивни мерки во Кина поради новата пандемија на коронавирус во Кина ја зголемува загриженоста на инвеститорите, кои стравуваат од нови „локдауни“.
Пазарот е растргнат меѓу стравот од можно прекинување на испораките од Русија и заканата од рецесија, велат аналитичарите на американската инвестициска банка JП Морган.
„Сега се закануваат макро-ризици од две страни. Одмазднички удар во форма на намалување на извозот на руска нафта за три милиони барели дневно е убедлива закана и, доколку се реализира, ќе ги зголеми цените на суровата нафта на лондонскиот пазар на приближно 190 долари по барел“, соопшти банката.
Од друга страна, во случај на значително послаб раст на побарувачката во рецесиски сценарија, цената на суровата нафта на лондонскиот пазар во просек би била околу 90 долари за барел во случај на блага рецесија и 78 долари за барел во сценарио на посериозен пад, пресмета ЈП Морган.