Пакистан го осуди и отфрли индискиот потег на укинување на специјалниот уставен статус на регионот Кашмир, предупредувајќи дека ќе ги искористи сите мерки што му стојат на располагање за да се спротивстави на „илегалниот чекор“, јави ДПА.

-Индија ја окупира Џама и Кашмир како меѓународно призната спорна територија, реагира Министерството за надворешни работи на Пакистан во соопштение.

„Ниту еден унилатерален чекор на индиската Влада не може да го смени овој спорен статус… Ниту, пак, некогаш овој чекор ќе биде прифатен од луѓето во Џама и Кашмир“, изјавија од министерството, додавајќи дека неговиот статус е поддржан со резолуции на Советот за безбедност на ОН.

„Пакистан ја реафирмира посветеноста на каузата за Кашмир и дава политичка, дипломатска и морална поддршка за луѓето од окупираниот Џама и Кашмир за реализација на нивните неприкосновени права за самоопределување“, се наведува во соопштението на пакистанското МНР.