Палестинската фудбалска асоцијација изрази благодарност до Барселона што одби да игра со израелски Беитар во Ерусалим.

– Изразуваме голема благодарност до Барселона за почитта што ја покажаа кон чувствата на милиони нивни навивачи ширум светот, кои беа шокирани од идејата дека клуб што ги цени човековите права ќе игра со еден од најрасистичките тимови во светот, стои во соопштението на организацијата.

Шефот на Палестинската фудбалска асоцијација, Џибрил Раџуб, ја нарече одлуката на Блауграна „искрен израз на вистинскиот идентитет на Барселона и почит кон милиони навивачи ширум светот“.

Претходно, претседателот на Беитар, Моше Хогег изјави дека клубот го откажал пријателскиот натпревар со Барселона поради неподготвеноста на Каталонците да играат во Ерусалим.