Македонија направила сè што Европската унија побарала од неа за напредок кон членството, а бугарската блокада создава лош преседан за целиот регион, оцени поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер во интервју за МРТ.

Тој смета дека билатералните спорови не треба да го попречуваат пристапниот процес и очекува поактивна улога од Брисел и од клучните земји членки.

„Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е крајно жално што Бугарија е во позиција да го блокира тој процес за Скопје. Тоа создава лош преседан за регионот“, изјави Палмер за МРТ.

Според него, последиците од блокадата се чувствуваат и кај другите земји кандидати, кои го следат македонското искуство и се прашуваат со какви дополнителни услови би можеле да се соочат.

„Белград го следи искуството на Скопје и се прашува што би можеле да побараат Загреб или Букурешт во пристапниот процес. Тоа ги обесхрабрува земјите кандидати да ги спроведат неопходните реформи“, предупреди тој.

Палмер изрази надеж дека Бугарија ќе покаже воздржаност, а Европската унија ќе инсистира билатералните прашања да не го оптоваруваат проширувањето.

Зборувајќи за можната американска помош, тој потсети дека лично бил вклучен во претходните обиди за надминување на блокадата, кога бугарските барања почнале да го попречуваат европскиот пат на Скопје.

„Направивме сè што можевме за да ја отстраниме блокадата. Тоа не е едноставен процес, но верувам дека Софија на крајот ќе сфати дека во интерес на Бугарија е Македонија да биде нејзин европски партнер“, рече Палмер.

Тој очекува САД да продолжат да ги поддржуваат двете страни, но нагласи дека е потребен и поголем ангажман од европските институции и престолнини.

Според Палмер, земјите кандидати треба да се оценуваат врз основа на реформите, наместо според историски и идентитетски прашања. Сепак, посочи дека ЕУ во практика тешко може да наметне таков пристап без активна поддршка од влијателните членки.

„Затоа клучните земји членки мора да помогнат процесот да биде праведен, транспарентен и во интерес на сите засегнати страни. Тука мислам на Франција, Германија и Италија, кои треба да преземаат проактивна улога и да го заштитат интегритетот на процесот“, порача тој.

Палмер не предложи конкретен модел за договор меѓу Скопје и Софија, но оцени дека постојат повеќе можни пристапи и простор за „креативна дипломатија“. Таков ангажман очекува од двете земји, од Брисел, од клучните европски престолнини и од Вашингтон.