Во тек е и втора постапка за набавка на уште 200 илјади дози од кинеската вакцина, а формализирани се и документите за набавка на руската вакцина „Спутник“.

Ова вчера го истакна премиерот Зоран Заев, кој рече дека очекува овие денови да има информација од Кина кога ќе почне „утоварот на вакцините за нашата земја“. Тој посочи дека се е направено во делот на постапките со цел вакцините што е можно побрзо да дојдат во земјава.

А вакцините според многуте ветувања од Заев требаше од лани да бидат пристигнати, па „доцнеа поради кинеска Нова година“, поради ова, поради она… Се ширеа лажни вести и лажни ветувања, и секогаш со оправдувања дека некој друг е виновен, а не (не)способноста на актуелната власт да набави на време вакцини, кои од ЕУ стигнаа и во Молдавија, а вакцини обезбедија и многу африкански земји, вакцини обезбеди и новата влада на Монголија која беше формирана во јануари годинава итн.

Во меѓувреме наместо ветените вакцини, од Кина е вратен капарот за истите, а Заев појасни дека „авансот за кинеските вакцини е повлечен затоа што се чекала потврда од Министерството за надворешни работи на Кина“. Абер нема кога во Македонија ќе пристигнат и вакцините и од ЕУ, за кои актуелната власт ветуваше „бесплатно здравство во цела Европа“ кога ќе го смениме името…

– Авансот е пуштен како дел од процедурата. Парите се тука, на истата сметка на Министерството за здравство. Очекувам позитивна информација за постапката што е започната, посочи Заев и додаде дека денови се во прашање кога ќе може да се потврди испораката на вакцините во Македонија,

Потенцира дека никаде во светот никој не може со точност да каже кога, кој тип вакцина ќе пристигне.

Процесот на вакцинација против Ковид-19 во државава почна пред две недели, но само на директно изложените здравствени работници во ковид – центрите со пратката од 8000 вакцини на компанијата „Фајзер“, што земјава ги доби од Србија.

Се очекува, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, во првиот квартал да стигнат 20 до 30 илјади вакцини преку Ковакс механизмот, а во тек се разговори за набавка и на вакцини од „Фајзер“.

Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје од направени 1.208 тестирања регистрирани се нови 234 случаи со Ковид-19. Починати се седум пациенти, а 274 се оздравени.

Досега во земјата се направени вкупно 523.726 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 103.020, бројот на оздравени пациенти е 91.507, на починати е 3.144, а на активни случаи изнесува 8.369.

Од вкупниот број активни случаи  3719 се во Скопје. На инфективните оддели во земјата се лекуваат 682 пациенти со Ковид-19 од кои 263 се во Скопје.

Министерството за здравство вчера соопшти дека минатата година се реализирани 446 нови вработувања во јавно-здравствени установи низ државата. Од почетокот на 2020 година, како што посочуваат од Министерството, 164 доктори, 247 медицински сестри и 35 специјалисти добиле статус на вработени на неопределено време.

– Вложувањата во човечки капитал во здравството не застанаа дури ни во време на пандемија. Пандемијата покажа колку се значајни здравствените работници, тие се столбот на нашето здравство. Со нови вработувања и зголемувањата на платите создаваме услови секој млад здравствен работник својата иднина и кариера да ја гледа во својата земја. Се залагаме за подобрување на условите во кои истите работат и ги слушаме нивните потреби. Отворени сме за соработка со младите како никогаш досега, истакна министерот за здравство Венко Филипче.