Од Сеул до Париз, и од Москва до Бангок се повеќе загрижени граѓани чекаат во ред за да примат вакцина против вирусот Ковид-19. Можеби вакцинацијата го намалува притисокот врз здравствените работници ширум светот, но, во меѓувреме се појавува нов проблем, пишува Ројтерс.
Недостиг од крв за итни случаи е забележан во многу болници ширум светот, а намален е и бројот на донори. Одредени држави не дозволуваат штотуку вакцинираните да донираат крв. Оние што закрепнуваат или имаат прележано Ковид-19 исто така не смеат да бидат донори. Бројките на заразени растат од ден на ден, а докторите се жалат дека залихите на крв се на загрижувачко ниско ниво.
Во Јужна Кореја периодов има рекорден број на случаи на новозаразени од преку 2000 дневно. Една седмица по вакцинацијата донирањето крв е забрането и поради недостигот на залихи од многу операции се одложени.
Во Русија крв смеат да даруваат само оние што се целосно вакцинирани, но, откако ќе помине 1 месец од последната вакцина. Оние што немаат примено ниедна доза или се во средината на процесот на вакцинација воопшто не смеат да бидат донори.
Агенцијата за залихи на крв во Франција вели дека нивните резерви се значително намалени под просечното ниво. Порано просекот на резервите со кој може флексибилно да се работи изнесувал 100 илјади ќесички крв, додека сега тој просек е намален на 85 илјади.
-Засега имаме доволно резерви и секое лице кое има потреба од трансфузија ќе биде извршена. Но, загрижува фактот што доаѓа септември кога бројот на хируршки зафати се зголемува, вели портпаролот на Француската агенција за залихи на крв.
Ситуацијата е слична и во Италија. Националниот центар за крв известува дека се во голем недостиг на крв во некои региони од државата, многу операции се одложени и резервите се користат само за најитните случаи. Причините за оваа ситуација, велат од Националниот центар за крв на Италија, се годишните одмори и недостигот на персонал во центрите за собирање на крв.
Во Грција луѓето не доаѓаат во болниците да донираат бидејќи се исплашени од корона вирусот. „Има денови кога дарувањето е намалено дури за 50% споредено со 2019 година“ вели Константинос Стамулис, директор на Грчкиот национален центар за крв во Атина.