Во Македонија денеска се одбележуваат 149 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.
По тој повод, на неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ во Скопје ќе биде одржана панихида, повеќе делегации ќе положат цвеќе.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.
Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.
Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Како што во повеќе наврати е објавувано, великанот на македонското револуционерно движење за слободна и самостојна Македонија, Гоце Делчев, во последниве години е тема на политички преговори и пазарења меѓу политичари и историчари од Македонија и од Бугарија.