Всушност протоколот е дел од преговарачката рамка, независно од тоа што се претставуваше во јавноста и едноставно комисијата сега е условена да ја заврши сопствената работа по диктат или по желба на Бугарија, а тоа е условот на крајот за членство. Всушност завршувањето на работата на комисијата станува клучен критериум и услов за влез во Европската Унија, изјави Митко Панов, научен советник и редовен професор, за ТВ Сител.

Дополнително тој потсети на вчерашната изјава на министерот Османи кој јасно упатил кон тоа дека говорот на омраза односно натписите за бугарскиот фашистички окупатор и сите понатамошни ревизии вклучувајќи го и АСНОМ ќе станат дел од обврските односно интерпретациите на комисијата.

Според Панов погубно е тоа што формулациите до сега договорени од комисијата ќе мора да се имплементираат не само во учебниците, не само во натписите, не само во јавниот простор туку и во говорите за официјално чествување на историските личности. Ова не се однесувало само на државниот врв, туку и на научни институти и и институции финансирани од државата ќе мора да ги следат формулациите на комисиите и во ниту едно официјално чествување нема да смее да се каже дека е само македонско историско и културно наследство. Според него ова е апсурд без преседан во меѓународните односи.

-Чистиот јазик или чистиот идентитет кој ни се сервираше или кој што сеуште ни се сервира, веднаш паѓа во вода со протоколот. Само проверете го протоколот и ќе видите дека никаде не се спомнуваат Македонци, македонски народ, напротив се спомнува бугарскиот народ кој треба да влезе во Уставот. Со самото тоа што министерот Османи во Бугарија не ја негираше позицијата на негација на македонскиот јазик и македонскиот народ покажува дека се согласува со истото. Каков е тој говор на омраза кога соседот кој што ве условува за членство во Европска Унија не ве признава? Кој е тој говор на омраза кој што ние го шириме, посочи Панов.

Тој додаде дека доколку добро се прочита протоколот јасно се гледа дека под превезот на говор на омраза може да влезе се што на Бугарија нема да и се допадне. Не само натписите туку и авторските дела, во кој според Панов суверено право на авторот е како тој ќе ги интерпретира случувањата.

-Што значи ќе се воведе цензура не само од министерството кое ќе поднесе урнек како другите ќе пишуваат што е нонсенс, еве ви го кажав примерот Јас ако пишувам за Самоиловата држава ќе треба да се прилагодам на комисија која не е експертска за тоа прашање и форсира историски вистини кои што се од 19тиот век, кои што се конструирани, бидејќи да не заборавиме дека Бугарија се до седумнаесетите години на 19тиот век Самоил не го третирала како сопствен национален херој. Едноставно ние се доведувам во ситуација под превезот на Европска Унија да воведуваме механизми и притисоци кои не се својствени на демократските земји, рече Панов.

Инаку, Панов е редовен професор во Институт за национална историја – Скопје. Неговите истражувања и предавања опфаќаат Историја на Византија; Историја на средновековна Македонија и на Балканот; Историографија на Балканот, средновековна и модерна. Моментално истражувачкиот фокус ја вклучува византиската историографија и етнографската и концептуална претстава за Македонија и Балканот.